Д-р Милош Бабиќ, молекуларен биолог и невробиолог со седиште во Сан Диего, детално ги објасни ризиците од вакцините, како и зошто не треба да бидеме пребирливи за тоа каква вакцина ќе примиме. Тој исто така посочил две можни сценарија што не очекуваат во иднина.
Научникот презентираше релевантни податоци за ефектите на вакцините ширум светот, а потоа ги објаснил реалните ризици од секоја од нив. На својот блог, тој исто така ги претстави своите предвидувања за понатамошниот тек на пандемијата.
„Епидемијата продолжува, на социјалните мрежи повторно се раскажуваат разни приказни, а несигурноста расте.
Вестите од целиот свет изгледаат навистина добро. Во Израел, каде повеќе од половина од населението е вакцинирано, епидемијата престанува, болниците полека ги затвораат одделенијата, а општеството и економијата се отвораат. Центарот за контрола на болести на САД (ЦДЦ) соопшти дека се дозволени средби меѓу вакцинирани лица без мерки на заштита, почнувајќи две недели по втората доза – почетокот на крајот на епидемијата во земјата што досега го водеше светот во број на мртви и болни.
Силна кампања за вакцинација во Велика Британија ја смени епидемијата на многу заразниот вид Б.1.1.7, и иако инфекциите продолжуваат, тешките болести и хоспитализациите станаа ретки. Кина скоро целосно го отстрани вирусот од циркулацијата преку епидемиолошки мерки, но сега вакцинира околу 10 милиони луѓе неделно за да спречи враќање на вирусот, со планирани забрзувања во наредните месеци.
Вкупниот број на вакцинирани во светот неодамна пред пишувањето на овој текст надмина над половина милијарда, со многу добри нивоа на ефективност и без извештаи за значителни несакани ефекти. За споредба, половина милијарда луѓе со Ковид-19 би значеле 3,5 милиони мртви, а околу 35 милиони со значително ниво на трајни последици од болеста.

Гигантските студии полека излегуваат и покажуваат дека вакцините драстично ја намалуваат можноста за смрт и сериозни болести воопшто (освен кај најстарите и најслабите) и тоа, што е најважно, ја намалуваат можноста за пренесување на вирусот.
Студија од Шкотска (на 5,4 милини луѓе) покажува дека три недели после првата доза Фајзер, веројатноста за болнички епилог паѓа за 85%, во споредба со невакцинираните. За АстраЗенека, и покрај сите сомнежи, таа цифра е уште подобра, 95% помалку.
Но, ако читате социјални мрежи, ситуацијата не ви изгледа така добра. Кај АстраЗенека беше забележана група на случаи на тромбоза, некое време беше паузирано давањето на таа вакцина но проверките покажаа дека сличен (или поголем) број тромбози во таа популација (постари луѓе) се случува и без вакцина.
Во случајот на АстраЗенека, регистрирани се 22 случаи на тромбоза на 17 милиони вакцинирани. Тоа е помал ризик од оној кој го носи аспиринот кој кај отприлика две лица на секој милион знае да го предизвика сериозниот Стивенс-Џонсон синдром од кој кожата почнува да одумира на големи површини на телото, неопходен е болнички третман и ситуацијата е опасна по живот. Неспоредливо поголем е и ризикот на обично седнување во кола. Во Србија, на секој милион луѓе кои ќе седнат во кола, 280 гинат во сообраќајни несреќи. Колку време седите и вагате дали вреди ризикот да се седне во кола и да се одвози некаде?
Вирусот стана ендемски: го има во толку широка популација што нема да може целосно да се потисне. Од сега па натаму, SARS-CoV-2 ќе биде еден од вирусите со кои ние и нашите потомци ќе мораме да се бориме. Постојат разни можности како таа борба може да изгледа а во моментов можеме грубо да ги класифицираме во два основни правца, аналогни со Мaрвеловите филмови Крај на играта и Бескрајна војна.

За да разбереме што значи ова, да погледнеме што се случуваше во текот на нашите животи со „стандардните“ видови на коронавирус кои со векови циркулираат меѓу човештвото. Овие вируси сите нас нè имаат заразено во текот на детството. Иако многу мали бебиња и по некое дете може да умрат од оваа инфекција, огромното мнозинство деца минуваат само со кашлица и температура. Во детството, различни соеви од овие вируси повторно нè заразуваат и ние низ тие чекори стекнуваме сè подобар имунитет. Кога доаѓаме во тинејџерски години, веќе имаме разновидни анти-тела и Т-клетки против тие вируси и сме добро заштитени. Подоцна по некој вирус знае да нè закачи пак но бидејќи имаме имуно-меморија од детството, тоа го минуваме како настинка. Стануваме повторно ранливи ако сме имуно-компромитирани, или пак во староста.
SARS-CoV-2 е нов вирус, го немаме сретнато во детството. Денешните деца се разболуваат од овој вирус исто како од старите, и го прележуваат слично (главно, без потешки последици). Клиничката слика е нешто посериозна, бидејќи вирусот сè уште се „навикнува“ на луѓе. Но мнозинството деца ќе го прележат вирусот, во некој подоцнежен момент ќе закачат и друг сој и ќе останат со траен имунитет.

Проблем се возрасните. Ние за овој вирус ја немаме таа стара отпорност од детството и кај нас болеста е многу посериозна отколку кај децата. Ние можеме да стекнеме отпорност на два начина и кој начин мнозинството од нас ќе го одбере, тоа ќе ја реши и иднината која ни следува.
Посакуваниот правец е „Крај на играта“. Во овој случај, мнозинството возрасни ќе стекнат основна отпорност со вакцинација, брзо, нагло и масовно ширум светот. Потоа таа отпорност, порано или подоцна ќе опадне, но не на нула и луѓе ќе се заразуваат но заради делумниот имунитет, болеста ќе биде полесна, или дури асимптоматска.
Не е сè супер; во циркулација е уште еден вирус од кој можеме да заболиме и тој станува уште една ставка на листата на организми кои можат да нè убијат на старост. Но, животот ќе се врати во нормални текови, можеби веќе за неколку месеци а враќањето на целосна нормала ќе зависи од брзината и ефикасноста на вакцинацијата ширум светот, вклучително Азија и Африка.
Закана за ваквата иднина е сценариото „Бескрајна војна“. Во овој случај, нема да успееме да се вакцинираме доволно брзо и доволно масовно што значи дека ќе останат голем број заразени луѓе кај кои вирусот ќе продолжи да мутира. Бројот на заразени директно влијае врз бројот на нови мутации од кои се создаваат нови соеви. Колку поголема популација истовремено е болна, толку поголеми се шансите да се создаде нова опасна варијанта.

Во овој случај, мнозинството луѓе ќе го прележат новиот коронавирус. Но некој нов сој ќе ги зарази пак. Па ќе дојде нов бран со нов сој. Со текот на времето, ќе дојде до кумулација на имунитетот како и во „Крајот на играта“ но многу побавно и развлечено во време. Со просто давање шанси на вирусот да се развива во разни правци, си гарантираме склоп на најлоши можности. Може дури да се случи вирусот да се подели на цели подвидови од кои секој ќе почне да предизвикува нови епидемии.
Целиот процес на „Бескрајната војна“ би изгледал навистина како бескрајна ноќна мора: затворања, преполнување на болници, контроли на граници, делумни вакцинации и ревакцинации… сето тоа би траело со години додека доволен број возрасни во светот не стекнат доволно широк имунитет за одбрана од сиот тој спектар соеви и варијанти. Се разбира, тој имунитет ќе го стекнат само оние кои ќе преживеат.
Тоа е изборот кој сите го правиме кога решаваме дали да се вакцинираме или не. На лично ниво, изборот е меѓу вакцинација и инфекција, трето нема. На општествено ниво, со таа одлука секој од нас гласа или за „Крај на играта“ или за „Бескрајна војна“, пишува Бабиќ на својот блог.