ЕБОР и ЕУ ја поттикнуваат конкурентноста на малите бизниси во С.Македонија

од Берта Китинска
313 прегледи

Новото финансирање на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе придонесе за поттикнување на конкурентноста на локалните мали и средни претпријатија (МСП) во Северна Македонија.

ЕБОР обезбедува кредит до €2,5 милиони на Комерцијална банка АД Скопје за натамошно кредитирање на локалните бизниси, за инвестиции во надградба на производните капацитети и усогласување со Директивите на ЕУ во областа на заштита на животната средина, безбедноста на работниците, и квалитет и безбедност на производите.

Покрај кредитирањето, МСП ќе имаат бенефит од персонализираната техничката помош и од поддршката на ресурсите од услугите да-се-знае-како, се во насока на поддршка и имплементација на проектите, како и од доделувањето грант до 15 % од вредноста на вкупната сума на кредитот, по успешно завршување на проектот. Техничката помош и грантовите се финансирани преку ЕУ Програмата за Западен Балкан за развој и иновација на претпријатијата (European Union Western Balkan Enterprise Development and Innovation Facility – WB EDIF).

Зголемувањето на конкурентноста ќе ги подобри можностите на компаниите на локалните пазари, и на меѓународно ниво. Истовремено, клиентите ќе имаат корист од подобрениот квалитет на производите и поголемиот избор.

Комерцијална банка АД Скопје е најголемата банка во Северна Македонија, на која во 2018 година и беше одобрен кредит од €5 милиони од ЕБОР Програмата за Западен Балкан за поддршка на конкурентноста на МСП, програма поддржана од средства од Европската Унија (ЕУ).

Ова финансирање успешно се имплементира и во ова време на пандемија со корона вирус, кога новите средства се повеќе од било кога потребни.

Анди Аранитаси, Претставник за ЕБОР за Северна Македонија изјави: „ Ни претставува големо задоволство што ја обновуваме соработката со Комерцијална банка АД Скопје, нашиот долгорочен партер од доверба, со цел локалната економија да има придобивки. Оваа програма им нуди на локалните МСП поддршка во достигнување на ЕУ стандардите во три клучни области: заштита на човековата околина, здравство и безбедност, и квалитет на производот. Новото финансирање значително ќе го олесни пристапот до многу потребното финансирање на малите бизниси, кои се клуч за економско заздравување во овие времиња на предизвици, правејќи ги бизнисите поконкурентни и отпорни, овозможувајќи им подобро интегрирање во регионалните и европските ланци на вредности. ”

Амбасадорот Дејвид Гир, Претставник на ЕУ Делегацијата во Северна Македонија изјави: „МСП се поддршката на секоја економија и се критични за иновацијата, конкурентноста и креирањето на работните места. Европската Унија ќе продолжи да обезбедува поддршка на овој сектор во Северна Македонија, преку Програмата за Западен Балкан за развој и иновација на претпријатијата, со цел да помогне во забрзувањето на економското обновување, подготовката за зелена и дигитална транзиција, и целосно учество на МСП на единствениот пазар на ЕУ по пристапување во него. Особено сакаме да ги охрабриме партнерите од Западен Балкан 6, да ги искористат можностите на Заедничкиот регионален пазар, и да работат кон овие цели.”

Маја Стевкова Штериева, Главен Финансов Директор и Член на Бордот на директори Комерцијална банка АД Скопје, изјави: ,,Секторот на МСП како целина е мошне важен за економијата на нашата земја. Ни претставува задоволство што низ овој период на предизвици заради Ковид-19, имаме можност, во партнерство со ЕБОР и ЕУ, да им обезбедиме на МСП дополнителна поддршка преку новиот кредит кој има уникатни поволни услови и грант компонента. Веруваме дека овој кредит ќе пружи корисна поддршка за прифаќање на новите трендови и технологии и ќе креира нови работни места.”

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над €2 милијарди преку 140 проекти во земјата. Банката се фокусира на проширување на локалниот приватен сектор, промовирање на регионалната и меѓународната интеграција и одржливо користење на ресурсите во земјата.

Слични содржини