Велика Британија нема вишок вакцини за другите земји

од Nikola Popovski
194 прегледи

Велика Британија во моментов нема вишок вакцини против Ковид-19 што треба да ги подели со другите земји, но ќе разгледа како да сподели каков било вишок во иднина доколку тој постои, изјавил во понеделникот портпаролот на премиерот Борис Џонсон.

„Наш приоритет е да ја заштитиме британската јавност, а доведувањето на вакцини продолжува со таа цел“, изјавил портпаролот на новинарите.

„Во моментов немаме вишок вакцини, но ќе разгледаме како најдобро да ги дистрибуираме веднаш штом станат достапни“, додал тој.

Британските власти во оваа пригода исто така соопштиле дека ќе продолжат да разговараат и да работат со Европската унија со цел да се обезбедат заемно корисни односи и соработка против пандемијата.

„Претходно рековме дека ова е меѓународен напор и дека отвореноста и глобалната соработка ќе бидат клучни за надминување на оваа пандемија. Затоа, нашата соработка и разговори со ЕУ продолжуваат“, посочил портпаролот.