Во текот на вчерашниот ден вакцинирани се 730 граѓани на пунктовите низ државата. Дневно од 30 до 55 лица се вакцинирале во еден пункт, велат од Министерството за здравство.
-Според податоците на Националниот систем Мој Термин, заинтересираноста помеѓу граѓаните над 77 години кои го започнаа процесот на вакцинација вчера е висока, односно само 2% од граѓаните кои имале закажано термин не ја примиле вакцината.
Вакцинацијата на лицата кои спаѓаат во 1б групата стартуваше вчера во Скопје, односно во Поликлиниките Јане Сандански, Чаир и Букурешт, во Здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци.
Утре ќе започне и вакцинацијата во останатите градови – Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.
Вакцинацијата се одвива на постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи во градовите низ државата. Пунктовите работат од 8 до 20 часот секој ден од понеделник до петок. Закажувањето на термин го прави матичниот лекар кој е должен на секој граѓанин да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде се спорведува вакцинација против Ковид 19, соопштија од МЗ.