Димитров на средба со Пленковиќ: Хрватска со силна поддршка за европскиот пат на С.Македонија

од Nikola Popovski
235 прегледи

Премиерот Андреј Пленковиќ и министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман во четвртокот одделно се состанаа со вицепремиерот на Северна Македонија Никола Димитров на разговори за билатералните односи и пристапот на Северна Македонија во ЕУ и ја потврдија силната поддршка на Хрватска за нејзиниот европски пат.

Според „Бански двори“, Пленковиќ и Димитров размениле мислења за подготовките на Скопје за отворање пристапните разговори со Европската унија и билатералната соработка.

Премиерот ја истакнал силната поддршка на Хрватска за европскиот пат на Северна Македонија, спроведувањето на реформите, како и нејзината подготвеност да ја обезбеди потребната стручна помош.

Тие разговарале и за заедничките напори за борба против пандемијата Ковид-19.

Министерот Грлиќ Радман оствари посебна средба со Димитров, на која се потврдени традиционално пријателските билатерални односи, како и продолжување на поддршката на Хрватска за европскиот пат на Северна Македонија, објави хрватското МНР.

„Денешната средба го потврдува континуитетот на партнерството меѓу Република Хрватска и Република Северна Македонија, што беше особено зајакнато со одлуката за отворање пристапни преговори на Северна Македонија за време на хрватското претседателство со Советот на ЕУ“, рече министерот Радман.

Тој додаде дека понатамошната политичка и техничка поддршка на Хрватска за европска интеграција на Северна Македонија е несомнена и дека Хрватска ќе продолжи да работи на постигнување договор за Рамката за преговори за Северна Македонија со цел да ги исполни условите за одржување на меѓувладина конференција и да започне пристапни разговори.

Вицепремиерот Димитров и се заблагодари на Хрватска за поддршката во процесот на евроинтеграција на Северна Македонија. Тој истакна дека Хрватска игра клучна улога во овој процес веќе подолго време, што го потврди со давање на зелено светло на Северна Македонија да ги започне преговорите за време на претседателството со Советот на ЕУ и во тој поглед очекува континуирана блиска соработка.

Министерот Грлиќ Радман додаде дека трендот на одлични политички односи без отворени прашања секако треба да биде проследен со поинтензивна соработка во повеќе области од заеднички интерес, особено во економскиот сектор. Тој исто така се заблагодари за финансиската помош што Владата на Северна Македонија, како и неколку компании и граѓани од земјава, ја испратија во Хрватска по земјотресот што ја погоди областа Бановина на крајот на минатата година, се вели во соопштението на МНР на Хрватска.

Фото: PIXSELL

Слични содржини