Зибери за „Локално“: Го посетив Камчев, санирана е состојбата

од Берта Китинска
790 прегледи

Одбраната на притворениот Јордан Камчев пред неколку дена писмено и официјално се обрати и побара асистенција и мониторинг од Комитетот за превенција на тортура при Советот на Европа, од Асоцијацијата за превенција од тортура од Женева, од Македонскиот народен правобранител (оддел на национален превентивен механизам), како и од македонскиот Хелсиншки комитет да се спроведе ад хок мисија, поради тоа како што тие тврдат дека бизнисменот бил подложен на нехуман и понижувачки третман во притвор.

На тврдењата на одбраната дека осомничениот за случајот „Плацеви на Водно“ во затворот во Шутка наводно бил подложен на тортура, стигна одговор од Народниот правобранител.

Омбудсманот Насер Зибери во куса изјава за „Локално“ потврди дека извршена е посета на Јордан Камчев во притвор  за да се утврди состојбата во какви услови е чуван обвинетиот бизнисмен.

-Да, извршена е посета, изготвен е извештај кој е доставен до неговиот бранител, дадени се препораки и санирана е состојбата, изјави Зибери.

Бизнисменот беше приведен на 14 март откако по сознание на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) беше објавено дека тој  се спремал за бегство. Камчев е осомничен  и во истрагата „Империја“ која ја отвори поранешното СЈО.

Во центарот на овој предмет се Камчев и поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој се наоѓа во притвор откако му беше изречена неправосилната пресуда затворска казна во траење од 12 години во предметот на СЈО „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување.

Инаку, обвинителката Стефанова, покрај „Империја“ го води и предметот на СЈО за купените плацеви на Водно, за што имаше информации дека преку фирми на Камчев требало сопственост на плацеви да добие поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Будимпешта.

Слични содржини