Ангелов: Непроодните патишта се во надлежност на локалната самоуправа, ќе беше обезбеден хеликоптер доколку тоа се побараше од мене

од Nikola Popovski

„Патиштата дали се непроодни поради кал или други причини, спаѓаат во надлежност на локалната самоуправа. Таа треба да се грижи за проодноста на патиштата до секое населено место. Апелирам до сите градоначалници да обрнат внимание на локалните патишта, што водат до планинските села“, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, за случајот кој предизвика огромно внимание во јавноста, кој го објави лекар од Кратово опишувајќи како не можеле да пронајдат ниту една институција за да се помогне граѓанин во тешка здравствена состојба да биде пренесен до болница бидејќи се наоѓал во тешко пристапно село. Екипа од брзата помош со роднини, направиле носилка и пет часа на раце го носеле човекот.

Тој најави дека формирана е петчлена комисија која детално ќе го испита случајот со завеаниот овчар во Кратовско и ќе утврди дали постојат пропусти и слабости кај Центарот за управуавње со кризи или во другите институции.

„Ќе утврдат каде точно се пропустите и слабостите, за тие да бидат надминати во иднина. Не сакаме и нема да дозволиме во иднина, никогаш наш сограѓанин да се најде во ваква ситуација“, изјави Ангелов.

Тој вели дека оперативецот на ЦУК во Кратово направил сè што можел, но никој немал возило.

Доколку, според Анеглов, од оперативецот било побарано да обезбеди хеликоптер, тој тоа барање ќе го проследел до него и за кратко време би бил обезбеден хеликоптер.

„Имаме доволно хеликоптери, кои што би учествувале во една ваква спасувачка мисија. Како директор на ЦУК имам директна комуникација со врховниот командат на Армијата, со претседателот Стево Пендаровски од каде што, од порано ми е посочено дека, доколку ни е потребно во секој момент може да сметаме на хеликоптер. Исто, во постојана комуникација сум и со министерот за одбрана, како и со началникот на Генералштабот на Армијата“, рече Ангелов.

Слични содржини