„Се покажа и докажа дека угостителските објекти не влијаат врз бројот на заболени. Тие не се никаков влијателен фактор. Ние и сами предложивме во повеќе наврати во изминатиот период дека доколку ние сме причинители за заразените и самостојно ќе ги затвориме објектите“, изјавија попладнево од Независната угостителска комора, по повод новите рестриктивни мерки донесени на денешната владина седница.
Според нив, затворањето на угостителските објекти нема да придонесе за намалување на заразените.
„Луѓето повеќе ќе се собираат и забавуваат во затворени и приватни простории, каде што новите соеви на вирусот се шират побрзо“, велат од НУК.
Владата денес донесе одлука полицискиот час од утре па во следните 14 дена да почнува од 20 часот и ќе трае до 5 часот наутро. Исто така се забранува работата на сите угостителски објекти, освен за онлајн и телефонски нарачки, обложувачниците ќе работат само преку штанд и пулт, а во рестораните во хотелите, мотелите, хостелите и другите сместувачки капацитети ќе можат да доаѓаат само оние што се сместени таму, нема да работат ниту фитнес-центрите и спортските сали, се забрануваат семинари, обуки и конференции, а оние што имаат домашни миленичиња ќе можат да ги изнесат надвор еден час, од 22 до 23 часот, и тоа најмногу 100 метри од местото на живеење.
Мерките за угостителските објекти, фитнес-центрите, спортските сали и обложувачниците ќе стапат во сила в среда, 7 април, и ќе траат до 20 април.