Побарав јавно од Јавното обвинителство да ги провери сите наводи на ВМРО ДПМНЕ во врска со вчерашната акција. Ако излезете јавно, со документи, и наместо кај надлежните органи да ги предадете вие ги изнесувате пред граѓаните, тогаш треба да се провери. Ќе кажам само дека еден од приведените е во тесна врска со Мицкоски и имал постојани контакти со него, откри министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интервјуто на „Утрински брифинг“, зборувајќи за саботажата на акцијата „Двојник“ од страна на ВМРО ДПМНЕ.
-Јас ова го изнесувам според сознанијата и индициите, тие се во контакт и дел од документите во нивната партија се преку приведените лица. Акцијата беше планирана да се реализира за неколку дена, после спремање на сите активности. Ја забрзавме заради деконспирацијата. Знаете, лидер на партија сега се појавува демек стимулира борба против криминал и корупција, а постојано гледаме дека се става во одбрана на крупните криминалци, дополни Спасовски.
Во вчерашната акција МВР уапси 9 лица, а едно е во бегство. Како што рече вчера Спасовски, овластени службеници и контролори од управните служби на МВР издавале патни исправи, злоупотребувајќи идентитети на граѓани кои до тој момент немале македонска патна исправа.