Заев: „Лидл“ ќе отвора маркети во С. Македонија

од Nikola Popovski
472 прегледи

Премиерот Зоран Заев најави дека компанијата „Лидл“ ќе отвори свои продавници во нашата земја.

„Инвестицијата на германската компанија е нов стимул за домашната економија. На состанокот со менаџментот на „Лидл“ беа презентирани плановите на компанијата, кои својата прва инвестиција во Северна Македонија ќе ја реализираат преку изградба на сопствен модерен логистички центар кој ќе ги поседува сите меѓународни сертификати на „Лидл“ и ќе служи како центар за снабдување на синџирот маркети“, објави премиерот.

Тој потенцира дека над 200 германски инвеститори вработуваат повеќе од 28.000 лица во Македонија.

„Важно е да продолжиме со унапредување на соработката со СР Германија, која е наш прв трговски партнер. Новите инвестиции се од голема важност за земјава, во насока на зголемување на понудата, нови вработувања, како и подобрување на севкупната економија“, потенцира Заев.

На средбата во однос на стратегијата за експанзија, беше истакнато дека сите маркети кои „Лидл“ планира да ги отвори во земјава ќе бидат позиционирани во градовите со одржлива демографска и економска моќ.

Плановите на „Лидл“ за инвестициите во Северна Македонија се да оствари долгорочна, одржлива, одговорна соработка, како со своите клиенти, деловни партнери, така и со своите вработени, но истовремено да делува како општествено одговорна компанија со одговорност кон животната средина. Менаџментот на компанијата Лидл истакна дека се надева на конструктивна соработка со македонските институции и во иднина.

Слични содржини