По неколкудневна безуспешна потрага по исчезната 78-годишна Цветанка Ѓорѓиевска, на која и се губи трагата на 2 март, во селото Конопница, кривопаланечко, се организира голема потрага. На располагање се ставаат сите служби и расположиви ресурси од општината.
Во координација со членови на семејството и МВР, во потрагата се вклучени и претставници со теренски возила од Општина Крива Паланка, ЈП „Комуналец“, ДЗС, ЦУК, РЦ Север, Црвен крст, ОВР Крива Паланка, како и поединци. Службите ќе вклучат и ДРОН технологија во потрагата по исчезната жена.
„Во недела, на 11.03.2021 година, ќе се организира голема и сеопфатна координирана акција за пронаоѓање на Ѓорѓиевска. Во акцијата ќе учествуваат голем број институции, организации и поединци. Зборното место е во 9 часот, на локација над Шумски склад“, најави градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Тој ги повикува сите граѓани, кои добро го познаваат теренот во атарот на селата Конопница, Мождивњак, Мартиница и Борово и имаат можност, лично или со теренско возило, да се вклучат во потрагата.
Семејството на исчезнатата жена вели дека таа била во витална состојба и апелираат доколку некој ја видел да пријави до надлежните институции или да се јави на телефонскиот број 078/485-076.