Проф.Трајковски: Македонија на врвот на заразувањето, Битола продолжува да се трка самата со себе

од Берта Китинска
198 прегледи

Професорот по теоретска механика, Дејан Трајковски, кој на дневна основа статистички ги следи сите официјални информации поврзани со коронавирусот, вечерва на својот Фејсбук профил сподели  анализа за вчерашниот ден во која информира дека во Битола заразата забрзано се шири.

-Македонија на врвот на заразувањето, Битола продолжува да се трка самата со себе – така најкратко би можела да се опише денешната состојба со епидемијата во државата. Тоа што уште пред 2-3 дена го најавија десезонираните дневни броеви на новодијагностицирани, со отстрането влијание на променливиот број на тестирања во текот на неделата, денеска го потврдува и факторот на растот на дневните броеви, којшто за прв пат после 14 февруари се спушти под единица (на првиот дијаграм). Ефективниот репродукционен број се уште е минимално над единица (седумдневен просек: Rt = 1,04 ± 0,39), но во наредните денови и тој би требало се спушти под единица. Испадна најточна прогнозата една недела пред крајот на март, според која максимумот би требало да се случи при крајот од првата декада на април. Психолошкиот фактор тука е многу важен, бидејќи стравот кај населението од големите бројки, како што се приближувавме кон врвот, одигра улога на саморегулаторен механизам.

На вториот дијаграм гледаме уште една потврда на наидувањето на врвот, а тоа е пресекот на 7-дневната (брзата) подвижна средина со 14-дневната (бавната) подвижна средина на дневниот број на нови случаи. Се разбира, бројките веројатно нема веднаш да тргнат надолу (поради инерцијата), но последните рестриктивни мерки веројатно ќе го забрзаат тоа намалување.

На третиот дијаграм забележуваме дека стапката на позитивни тестови, како дневната (сината линија), така и седумдневната подвижна средина (црвената линија) веќе започнаа да се намалуваат. Овој индикатор беше всушност првиот којшто го најави приближувањето на врвот на заразувањето.

Сосема очекувано, врвот на бројот на активни случаи (како официјалниот, така и реалниот), како и на бројот на активно хоспитализираните (на четвртиот дијаграм) ќе искачува уште само неколку дена, но сосема минимално, практично одвај забележливо. Остаува на сила прогнозата за максимално 23.000 активни случаи, барем што се однесува до реално активните.

Исто така, сосема очекувано, ќе задоцни и врвот на бројот на смртните случаи (зелената линија на петтиот дијаграм), но веројатно и тој ќе настапи порано од досега предвиденото, најверојатно околу 15 април. Дневниот просек не би требало да достигне 50 починати, иако е можно во некои денови да бидат достигнати и близу 60 починати. Тоа е тоа, цената на непреземањето поенергични рестриктивни мерки мора да се плати,пишува Трајковски.

07.04.2021. Македонија на врвот на заразувањето, Битола продолжува да се трка самата со себе – така најкратко би можела…

Posted by Дејан Трајковски on Wednesday, 7 April 2021

Слични содржини