Трговскиот дефицит на САД се искачи на 71,1 милијарди долари

од Vladimir Zorba
257 прегледи

Трговскиот дефицит на Соединетите Американски Држави се зголеми на рекордни 71,1 милијарди американски долари во февруари, пренесе АП.

Пандемијата на коронавирусот ја гуши светската трговија повеќе од една година, но бариерите полека се намалуваат со вакцинирање на милиони луѓе, а државите почнуваат да ги ублажуваат ограничувањата на компаниите.

Вкупната трговија по два месеци во 2021 година е само 1,8 проценти пониска од минатата година, пред пандемијата да ја погоди светската економија.

Разликата помеѓу увозот и извозот во февруари скокна за 4,8 проценти од ревидираниот дефицит во јануари од 67,8 милијарди долари, соопшти во средата американското Министерство за трговија.

Најголем дефицит е забележан во трговијата со стоки, кој во февруари изнесува 88 милијарди долари, во споредба со 85,2 милијарди долари во јануари.

Намалувањето на извозот на стоки за пет милијарди долари беше стимулирано со намалување од 2,5 милијарди долари во категоријата капитални добра.

Трговскиот дефицит со Кина се зголеми за 11,4 проценти од јануари на 30,3 милијарди долари во февруари, додека трговскиот дефицит со Мексико се намали за 42,9 проценти од 11,9 милијарди на 6,8 милијарди долари.

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот тим беа повеќе фокусирани на внатрешната политика и не ставија крај на трговската војна, почната од поранешниот претседател Доналд Трамп со Кина, ниту пак предложија намалување на тарифите за увоз на челик и алуминиум, додаваат агенциите.

Слични содржини