Народниот правобранител, Насер Зибери ќе побара од Владата промена во планот за вакцинација, со цел во приоритетните групи да бидат опфатени лицата со попреченост, давателите на услуги за поддршка на овие лица, без разлика дали тоа се членови на нивното семејство или се ангажирани лица задолжени за давање грижа, нега, третман, рехабилитација, образование и како и лица кои им пружаат услуги на лична асистенција.
Според канцеларијата на Зибери, во овој дел треба да бидат вклучени овие групи граѓани кои несомнено се соочуваат со голем ризик од зараза од Ковид 19.
„Народниот правобранител е свесен за ограничената достапност на вакцините сходно која се изврши приоритизација и субприоритизација на ризични групи за вакцинација во погоре споменатиот План за вакцинација, но во услови кога епидемиолошката состојба во државата укажува на широка распространетост на вирусот во заедницата, несомнена е потребата за опфат на погоре наведените лица во Планот за приоритетна вакцинација, затоа што и лицата со попреченост во време на пандемија од Ковид-19 се исто така меѓу најранливата популација на граѓани во ризик“, се вели во соопштението.
Покрај наведеното, се додава во соопштението, за многу лица со попреченост невозможно е одржувањето на физичка дистанца бидејќи им е потребна директна помош и поддршка во секојдневните активности од страна на други лица, за кои е неопходно потребен непосреден физички контакт, што неспорно укажува на потребата и за нивно вклучување во приоритетните групи за вакцинација.
Меѓудругото, се посочува и дека овие групи граѓани имаат зголемена можност при заразата да се соочат со потешки симптоми и здравствени клинички слики.
„Народниот правобранител укажува на можноста лицата со попреченост да имаат недоверба во здравствениот систем поради претходните негативни искуства, дискриминација или третман кој го искусиле, па затоа вакцинацијата треба да се изврши само откако ќе се добие целосна и информирана согласност од лицето со попреченост. Притоа, лицата со попреченост не треба да се третираат поинаку од останатото население, доколку одбиваат да се вакцинираат“, се посочува во соопштението од Народниот правобранител.
Оттаму се бара дигиталната апликација за искажување интерес за вакцинација на Министерството за здравство, да биде целосно пристапна и за лицата со попреченост, истовремено обезбедувајќи почитување на приватноста и доверливоста на информациите, а примањето вакцина против Ковид-19 задолжително да се заснова на информирана согласност на лицата со попреченост, со почитување на автономијата (правото на избор и самоодлучување дали ќе се вакцинира) и правната способност на сите лица со попреченост, вклучувајќи ги и лицата со интелектуална попреченост и лицата со психосоцијална попреченост без да се врши прунудно вакцинирање со оправдувања дека „се почитува јавно добро” или пак дека „ е во најдобар интерес на лицето”.