Во интерес на полесно надминување на економските последици од пандемијата со коронавирусот, град Скопје ќе продолжи со конкретните мерки за помош на скопските угостители. Советот на Град Скопје минатата година усвои низа мерки за помош на домашната економија, граѓаните кои работат во стопанството да ги задржат своите работни места и полесно да ги пребродат економските последици од справувањето со глобалната пандемија. Согласно одлуката на Советот на Град Скопје донесена минатата година, град Скопје ќе продолжи со намалувањето на комуналната такса за закуп на јавен простор од 15 до 5 денари по квадрат.
„Град Скопје е најголем чинител во македонската економија. Тука се остварува најголемиот дел од нашиот БДП, тука е најголемиот број на работни места, тука се остваруваат најголемиот дел од инвестициите во земјава. Работите не смеат да запрат и Град Скопје ќе продолжи посветено да работи на враќањето на парите назад во стопанството, преку обезбедувањето на повеќе средства за капитални инвестиции и одлагање на неприоритетните инвестиции” – истакна Шилегов на минатогодишната седница на Советот на Град Скопје кога беше усвоен пакетот економски мерки.