Мирен протест против пресудите за убиството на Саздо

од Nikola Popovski
435 прегледи

Попладнево пред Кривичниот суд во Скопје се одржа мирен протест против судските пресуди од 16 години затвор на осудените лица за убиството на Никола Саздовски-Саздо. Групата демонстранти предводени од роднини на осудените лица и членови на навивачката група „Шверцери“, носеа транспаренти со порака „Не сме извршиле свирепо убиство“.

Тие побарале преиспитување на судската пресуда и преквалификација на обвинението од свирепо убиство во насилство кое резултира со смрт. Како што велат, пресудите се со двојни стандарди и се носат на етничка основа. Организаторите на овој протест велат дека и тие се жртви на политички монтирани случаи.

Вчера таткото на убиениот Никола Саздовски – Саздо, Тони Саздовски и претставници на навивачката група Комити, до ОЈО Скопје поднесоа жалба поради намалувањето на казните на извршителите на убиството од 19 на 16 години затвор.

„Изразуваме револт поради пресудата на Апелацискиот суд со која на убијците на Саздо им е намалена казната со образложение дека ова им било првпат и затоа што биле млади. Апелацискиот суд ја донесува оваа одлука врз основа на дека првостепениот суд не зел во обѕир, односно тие немале умисла да го направат тоа. Прифаќа дека ова е убиство на свиреп начин, ги прифаќа сите сведочења на сведоците, на вештите лица од Судска медицина, ја потврдува пресудата дека е свирепо убиство, но не ги прифаќа годините на казната“, рече таткото Тони.

За убиството на Никола Саздовски, Скендер Демири и Бесир Бела беа осудени на по 16 години затвор за „сурово убиство“.

Слични содржини