Принцот Филип нема да има голем државен погреб, објавија британските медиуми. Граѓаните на Велика Британија нема да можат да му оддадат почит на ковчегот со телото на војводата од Единбург, бидејќи неговата последна желба била мал погреб во кругот на семејството.
„Погребот нема да биде државен и нема да му претходи церемонија на цвеќиња на телото на покојниот принц. Телото на принцот Филип ќе почива во замокот Виндзор пред погребот во капелата Свети Џорџ. Ова е во согласност со обичаите и желбите на војводата од Единбург“, објави Палатата.
Погребните аранжмани биле ревидирани денес, со оглед на состојбата со пандемијата на коронавирус. Бакингемската палата ги замоли луѓето да не се обидуваат да присуствуваат или да учествуваат на кој било дел од погребот на принцот Филип.
Граѓаните се собираат пред замокот Виндзор во текот на целиот ден, каде оставаат цвеќиња и свеќи во чест на покојниот принц. Како што беше претходно најавено, кралицата Елизабета започна осумдневна жалост за нејзиниот сопруг и нема да ги извршува државните работи во овој период.
Принцот Филип почина утрово, откако минатиот месец имаше интервенција на срцето. Бројни светски лидери испратија сочувство до кралицата и нејзиното семејство.