Во Бразил, 1.803 лица починаа вчера од ковид-19, а голема студија спроведена во таа земја покажа дека кинеската вакцина, која е главен избор во бразилската кампања за вакцинација, е 50,7 отсто ефикасна против новата бразилска варијанта на вирусот позната како П1.
Бразил, кој стана глобален епицентар на пандемијата на коронавирус во последните неколку недели, забележа повеќе од 37.000 нови случаи, соопшти вчера Министерството за здравство.
Со повеќе од 353.000 смртни случаи, најголемата латиноамериканска земја е втора по бројот на починати во светот, по САД.
Ширењето на болеста неодамна влезе во најтешката фаза поради недостаток на федерални мерки, нееднаква кампања за вакцинација и новата варијанта П1.
Поголема ефикасност доколку се одложи втората доза
Биомедицинскиот институт „Бутантан“ од Сао Паоло, кој ја тестираше и сега ја произведува вакцината „КоронаВак“ од кинеската компанија „Синовак Биотек“, во неделата соопшти дека студија спроведена на 12.400 волонтери низ Бразил открила дека вакцината е 50,7 отсто ефикасна во борбата против варијантата П1 и помалку распространета варијанти познати како П2.
Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој изразува сомневање за вакцината и е критикуван за справувањето со пандемијата, првично рече дека неговата влада нема да ја купи вакцината на „Синовак“. Владата потоа направи пресврт и се обиде да обезбеди залихи, со што кинеската вакцина е најраспространета во земјата.
Институтот рече дека ефективноста на вакцината ќе се зголеми на 62,3 отсто доколку втората доза се одложи за повеќе од две недели, а вакцината помеѓу 83,7 и 100 отсто успешно ги штити заразените од потребата од лекарска помош.