380
Владејачката СДСМ попладнево објави соопштение, коешто се темели на објавите на прес конференцијата од страна на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Имено, во реакцијата се вели дека ВМРО ДПМНЕ не нуди ништо друго освен лаги, конструкции и манипулации и дека опозициската партија нема капацитет да резонира дека во оваа држава владее правда.
„Црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ и обидите за компромитирање на семејство на претседателот Зоран Заев преку ширење лаги и измислици, покажува дека оваа партија не нуди ништо освен лаги, манипулации и конструкции.
Во ВМРО-ДПМНЕ немаат капацитет да сфатат дека во државата владее правда, дека институциите водат бескомпромисна, неселективна борба против корупција и криминал на сите нивоа.
За разлика од времето на режимот кога од белиот дворец се нарачуваа и пишуваа судски пресуди кон неистомисленици, додека лица од врвот на ВМРО-ДПМНЕ непречено тераа криминални зделки, за разлика од времето кога Министерството за внатрешни работи беше претворено во кол-центар на ВМРО-ДПМНЕ, денес институциите работат професионално, независно и постапуваат неселективно кон секое прекршување на законите.
Токму тоа е несфатливо за Христијан Мицкоски и за неговите соработници во белиот дворец, токму тоа е причината за нервозата во врвот на ВМРО-ДПМНЕ.
Точно е, ниту од Зоран Заев ниту од кој било поединец зависи дали некој ќе одговара. Не е ова времето кога Груевски и Мијалков беа и обвинители и судии и поротници. За тоа постојат институции, полиција, обвинителства и судови кои преку докази, низ отворени законски постапки утврдуваат вина и санкционираат.
Денес секој кој сторил какво било кривично дело одговара пред судовите, денес нема недопирливи поединци, законите важат за сите подеднакво, толку и тоа да е несфатливо за ВМРО-ДПМНЕ партијата заглавена во режимската матрица и на браникот на криминалот“, се вели во реакцијата на СДСМ.