Основна цел на Отвореното владино партнерство и на Владата е транспарентноста, но и поддршката на граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии во јавната администрација, посочи попладнево, премиерот Зоран Заев во рамки на денешната презентација заедно со генералниот секретар на ОВП од канцеларијата на Њујорк , Санџај Прадхан.
„Република Северна Македонија е дел од иницијативата Отворено владино партнерство од самиот почеток во 2011 година, заедно со граѓанскиот и бизнис сектор. Десет години подоцна земјата има само придобивки од учеството во овој процес. Креирани се четири национални акциски планови. Во моментов, сме во фаза на креирање на петтиот акциски план, кој треба да го опфати периодот од 2021 до 2023 година. Имаме спроведено над 50 мерки и активности кои водат во поголема отвореност на работата на Владата. Мерките директно влијаат врз остварување на правата на граѓаните и го подобруваат нивниот статус“, посочи Заев на отворената седница.
Исто така, Заев потенцира дека од особено значење е што во заложбите за Отворено владино партнерство е вметнат и локалниот елемент, потоа Собранието, познато по иницијативата Отворен Парламент и Судската власт или Отворено судство.
„Ние сме меѓу првите држави, кои го проширија опфатот со заложби речиси кон сите институции. Со ова покажуваме дека отвореноста и транспарентноста се главни стожери на работата на оваа Влада. За тоа ќе се залагаме и во идните акциски планови. Владата успеа преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните. Тие се вклучени во процесите за креирање на сите владини политики, единствен начин да имаме политики, закони, стратегии кои одговараат на интересите и на потребите на сите граѓани“, истакна Заев
Истовремено, додава и дека овој концепт многу придонел земјата да се трансформира од заробена држава, во отворен и прогресивен пример не само на Балканот, туку и ширум светот.
Според премиерот, Владата со граѓанското општество и бизнис секторот е рамноправен партнер и покажала посветеност во унапредување на сите столбови и процеси кои се дел од заедничките заложби.
Заев вели и дека преку промоцијата и поддршката на отвореното владино партнерство започнала и иницијативата Отворен трезор преку која се отвориле трезорските трансакции на национално и локално ниво, а Владата овозможиле поголем увид во трошењето.
„Алатката придонесува и кон намалување на корупцијата, но и заштеда на неефикасните трошења. Во тој контекст го креиравме и порталот за отворени податоци каде институциите во отворен формат ги објавуваат податоците кои се во интерес на медиумите, бизнис заедницата, граѓанските организации, но и на сите граѓани. Овие податоци понатаму може да се користат на најразлични анализи, планирања, развивање на нови бизнис идеи, нови сеопшти идеи во општеството и друго“, истакна премиерот.