Инвеститорите од фирмата „МГ Фешн“ на денешната презентација на проектот и изгледот на три згради од 15, 20 и 22 ката изјавија дека беспредметно е да се прави муабет за онлајн-петицијата.
„Јас колку што знам таа гласи ‘Не за масовни чудовишта’, а не е за не градење или стопирање градба. Имајќи предвид дека таа макета изработена од наши колеги не соодејствува со детаљниот урбанистички план според кој е правен овој проект, мислам дека е беспредметно да правиме муабет за некаква петиција, која е направена врз база на некакви си модели што не се согласни со ДУП. Јавноста треба да види дали била манипулирана или не“, рече архитектаката Јана Гугуловска-Ѓорѓевик.
Паркирањето како што кажаа архитектите ќе биде решено подземно во парцелата иако ДУП-от дозволува тоа да се реши и во катната каража отспротива. Зградите ќе имаат подземни паркинзи три нивоа под земја или вкупно 969 паркинг места.
„Воизлата се под земја за да се ослободи просторот за пешачко движење не само за жителите во зградите туку и на граѓаните“, кажа архитектот Мартин Пановски.
И двајцата архитекти посочија дека во актуелниот ДУП за локалитетот Голем Ринг јужен дел – исток не е предвидено да се гради училиште и градинка, но по две јавни установи – школи и градинки имало во непосредна близина на овој станбено-деловен комплекс. Според актуелниот закон, во рамките на деловен простор било кој инвеститор може да отвори приватно училиште или градинка.
Управителот на МГ Фешн Илија Божиновски истакна дека имаат поддршка и комуникација со сопствениците на објекти од Ново Маало, посочувајќи дека се отворени за соработка со останатите сопственици на земјиштето од овој ДУП, како би се овозможило заокружување на проектот. Во однос на локацијата на која ќе градат, тој изјави дека тие немаат информации во однос на спорови за денационализација на земјиште на нивната парцела 1.1 од ДУП-от, на која планираат да го градат станбено-деловниот комплекс.