Учениците од четврто до деветто одделение и средношколците ќе користат учебници во дигитална форма

од Берта Китинска
240 прегледи

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 65-та седница на Владата и одговараа на прашања на новинарите.

Информирајќи за одлуките на вчерашната 65-та владина седница, портпаролите истакнаа дека на предлогот на Министерството за образование и наука, Владата вчера го утврди текстот на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработниците во основните и средните училишта.

Со ова се создава правна и економска сигурност на наставниците и стручните соработници преку засновање на работниот однос на неопределено време. Претходно наставниците и стручните соработници беа неколкупати вработувани на јавни огласи на определено време пред да ги исполнат условите за трансформација на работниот однос.

Преку оваа измена се подобруваат можностите за професионален и кариерен развој и се воведуваат нови можности за стручните соработници. Со предложените измени ќе им биде трансформиран работниот однос од определено на неопределено време на околу 3 илјади наставници во основните и во средните училишта.

На вчерашната седница е утврдена содржината на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование од кој се очекува да се подобри квалитетот на учебниците во основното и средното. Се обезбедува транспарентност на постапките за набавка на учебници, се поставуваат механизми за контрола на содржината за да се спречи на влез на дискриминирачки содржини. Се обезбедува дигитализација и пристапот на учебници за лицата со оштетен вид.

Од прво до трето одделение учениците ќе користат учебници во печатена форма, а од четврто до деветто одделение во основното образование, како и учениците во сите години од средното образование ќе користат учебници во дигитална форма и наставен и дидактички материјал во електронска форма.

Портпаролите информираа дека Владата на вчерашната седница ја донесе Одлуката за начинот на користење на средства за репрезентација во Министерствата и другите органи на државната управа со која за прв пат се ограничуваат трошоците за угостителски услуги во државата при одржување работни состаноци. Точно е определен износот кој може да се користи по лице присутно на состанокот, а ограничувањето на износот е во зависност од функцијата на лицето коешто го организира состанокот.

 

 

Слични содржини