„Оставката на Рашковски е негова лична одлука“: ДКСК ќе продолжи да постапува по предметите

од Берта Китинска
165 прегледи

Оставката на Драги Рашковски, за која самиот ја информираше јавноста преку социјалните мрежи, доаѓа по еден месец откако беше обелоденет случајот за набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци.

Рашковски преку писмо упатено до премиерот Зоран Заев се повлече од функцијата секретар на Владата.
Во својата оставка вели дека му е жал за тоа што проектот нема да се изреализира и земјава и понатаму ќе биде во редот за земји со најголем број жерви во сообраќајот.

-Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции. За лажните вести најдобро искуство да го преточиш во научен труд е преку лично искуство. Се надевам лажните вести ќе престанат, зошто нивното негативно влијание не штети само лично. Вистинската причина за повлекувањето е наведена во самото писмо. Се поразлично од тоа е лажна вест, пишува Рашковски.

Од Владата информираа дека, премиерот ја прифатил оставката.

-Драги Рашковски достави писмо до премиерот со кое го известува дека се повлекува од функцијата, тоа е негова лична одлука и има право на тоа.Премиерот ја прифатил оставката , рече на денешната прес-конференција портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

Тој уште еднаш истакна дека набавката на софтверот е спроведена во целосно транспарентна процедура и во целосна согласност со законот за јавни набавки.

Оставката од функцијата на Рашковски не влијае врз предметите кои се отворени за него, соопштија од Државната комисија за спречување на корупција.

-ДКСК информира дека оставката на поранешниот генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија не влијае на работата по споменатите предмети. Постапувањето ќе продолжи согласно надлежностите и процедурите на ДКСК, стои во соопштението.

Оставката е морален чин

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека оставката на Драги Рашковски од функцијата секретар морален чин.

-Оставка треба да си поднесе цела криминална влада, а не само Рашковски. Тој одамна треба да биде таму каде што припаѓа, а тоа е во затвор. Не може службеник со плата од неколку стотици евра или професор на факултет да поседува и да гради хациенди со по илјадници квадратни метри, да летува и да дезертира во ек на пандемија, таму каде што беше, и да ни кажува дека биле евтини аранжманите, да се вози со нови џипови од 70-80 000 евра, ако се негови, такви информации излегоа во медиумите. Ако се потврди како точно, ова е уште еден срам и блам на оваа влада, рече Мицкоски.

Пред неколку дена во медиумите беше објавено дека Рашковски вози џип „волво-XC90“, кој не фигурира во неговиот анкетен лист, и дека во Побожје ќе гради хациенда од 800 квадратни метри.По објавените информации Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција минатиот месец отвори предистрага по допрен глас за овој случај. Во тоа време Рашковски беше на годишен одмор во Мексико.

Слични содржини