Објавена содржината на „нон-пејперот“ на Јанша: Распаѓање на БиХ, припојување на РС кон Србија и обединување на Косово со Албанија

од Vladimir Zorba
279 прегледи

Словенечкиот портал „Нецензурирано“ ја објави содржината на неофицијалниот дипломатски документ, „нон пејпер“, што премиерот на Словенија – Јанез Јанша го испратил во Брисел, во кој презентира идеи за поделба на Босна и Херцеговина, спојување на Република Српска кон Србија и обединувањето на Косово со Албанија.

„На Косово, 95% од населението сака да се обедини со оригиналната албанска нација. Слична е ситуацијата и во Албанија. Границата помеѓу Албанија (членка на НАТО) и Косово е практично непостоечка“, се вели во документот.

Се додава дека српскиот дел на Косово би добил посебен статус, следејќи го примерот на Јужен Тирол, автономна покраина во северна Италија, каде мнозинството од населението зборува германски.

Понатаму се предлага обединување на поголемиот дел од територијата на Република Српска со Србија.

„Српското национално прашање во голема мера може да се реши со припојување на дел од Република Српска кон Србија. Во овој случај, Србија е подготвена да се согласи на обединување на Косово и Албанија“, се вели во документот.

Во документот се вели дека хрватското национално прашање може да се реши со спојување на повеќето хрватски кантони во БиХ со Хрватска или со давање посебен статус на хрватскиот дел на БиХ, следејќи го примерот на Јужен Тирол.

„Ова ќе им даде на Бошњаците независна функционална држава и ќе преземат целосна одговорност за тоа. На референдум, луѓето ќе одлучат дали да се приклучат на ЕУ или иднина надвор од ЕУ (следејќи го примерот на Турција)”, се вели во документот.

Понатаму е наведено дека засега „огромното мнозинство Бошњаци го поддржуваат европскиот пат на БиХ“, но се додава дека „влијанието на Турција и радикалниот ислам рапидно се зголемува, што може да ја влоши ситуацијата во следната деценија“.

Документот проценува дека по распадот на Југославија, националните прашања на Србите, Албанците и Хрватите останаа нерешени и дека во моментов е тешко да се замислат европските перспективи на Србија и Косово.

Членството на БиХ во ЕУ може да биде целосно исклучено, се вели во документот.

Се проценува дека, во меѓувреме, „Турција го искористила празниот простор, што го зголеми своето влијание во БиХ и Северна Македонија“, и дека, освен Турција, некои локални политичари и нивните поддржувачи „лично имаат корист од хаосот и нефункционалните институции и дека никој не е задоволен од ситуацијата во БиХ“.

Авторите на документот нагласија дека Србија, Хрватска и Албанија во моментов имаат стабилни влади и дека нивните избрани политичари се способни да донесуваат стратешки одлуки.

Според авторите на „нон-пејперот“, овие „решенија“ би ги забрзале преговорите за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО.

Според словенечкиот портал, на предлозите од овој документ силно се спротивставуваат САД, Германија, Франција и другите европски земји.

Меѓународната заедница ја нагласува важноста на територијалниот интегритет на БиХ и се спротивставува на ново исцртување на границите во поранешна Југославија.

Тие наведуваат дека ова ќе ја отвори Пандорината кутија и веројатно ќе доведе до нови војни.

„Зеленото светло за распаѓање на Босна и Херцеговина и обединувањето на Косово со Албанија ќе им даде нов поттик на српските националисти во Црна Гора и на албанските националисти во Северна Македонија, две членки на НАТО“, пишува словенечкиот портал.

Според информациите од порталот „Нецензурирано“, последните месеци имало три „нон-пејпери“ за БиХ во кои Словенија учествувала на еден или друг начин.

Словенија, се посочува, ја поддржа хрватската дипломатска иницијатива во врска со БиХ, а и се придружија Унгарија, Грција, Бугарија и Кипар.

Грција и Бугарија имаат свои интереси за прашањето за Северна Македонија, особено во условот за нејзина натамошна европска интеграција.

Официјално не е потврдено дека претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел добил „нон-пејпер“ од Словенија, но неофицијален дипломатски документ, кој предвидува распаѓање на Босна и Херцеговина, припојување на Република Српска кон Србија и обединувањето на Косово со Албанија, всушност постои.

Според нивните информации, документот со наслов „Западен Балкан – патот напред“ пристигнал во кабинетот на претседателот на Советот на Европа во февруари.

Според словенечки извори, документот секако не бил скроен во словенечкото Министерство за надворешни работи, но според некои информации, дел од неговата содржина можеби е напишан во Будимпешта.

Сепак, во дипломатските кругови во Брисел, тој се нарекува „словенечки“ документ, бидејќи кабинетот на Јанша, наводно, учествувал во испраќањето на разни адреси, објави „Нецензурирано“.

Слични содржини