САД: Го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ

од Vladimir Zorba
195 прегледи

Соединетите Американски држави денес објавија дека го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, чие почитување е заведено во Дејтонскиот мировен договор.

Ова го порача американскиот Стејт департмент во писмен одговор на барањето на Гласот на Америка да ги коментира извештаите на медиумите за наводниот неофицијален документ „нон-пејпер“ во кој се предлага прекројување на границите на Балканот, вклучително и во БиХ.

Портпарол на Стејт департментот рече дека САД длабоко го ценат долгогодишното партнерство со Босна и Херцеговина и остануваат посветени на заедничката цел за демократска, инклузивна и просперитетна БиХ на патот кон целосна евроатланска интеграција.

Соединетите држави силно го поддржуваат патот кон членство во Европската унија на сите аспиранти од Западен Балкан, истакна портпаролот на Стејт департментот и додаде дека САД веруваат дека иднината на Западен Балкан е несомнено во Европската унија.

Процесот на проширување промовира долгорочен мир, стабилност и просперитет во целиот регион, се заклучува во одговорот на Стејт департментот за „Гласот на Америка“.

Словенечкиот портал „Нецензурирано“ објави неофицијален дипломатски документ, т.н. „нон-пејпер“, во кој се споменува идејата за поделба на БиХ, спојување на Република Српска кон Србија и Косово кон Албанија.

Порталот потсетува дека од понеделникот во Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина се шпекулира дали премиерот Јанез Јанша навистина испратил таков документ до Брисел, во кој се споменува ново исцртување на границите на територијата на поранешна Југославија.

Досега никој официјално не потврдил дека претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, од Словенија добил документ со ваква содржина, но неофицијален дипломатски документ, кој предвидува распаѓање на Босна и Херцеговина, припојување на Република Српска кон Србија и обединување на Косово со Албанија, всушност постои.