Усвоен петтиот пакет мерки, двајца пратеници во скафандери гласаа според протокол

од Берта Китинска
439 прегледи

Во тензична атмосфера се изгласа петтиот пакет економски мерки. Заболените со ковид 19 пратеници дојдоа во Собранието во скафандери и учествуваа на 36. седница.

Денешната седница како и седниците изминатите денови се одвиваа во „зовриена“ атмосфера со многу кавги и префрлања на вина, обвинувања и закани меѓу пратениците од опозицијата и собранискиот спикер Талат Џафери.

Учеството на пратениците во скафандери на собраниската седница од посебна кабина е според протокол донесен уште од јули 2020 г., а дополнет во ноември – одговори претседателот на парламентот, Талат Џафери, на обвинувањата на опозицијата дека го прекршува Уставот и Деловникот, како и Кривичниот законик.

Во документот кој го споменува Џафери се уредува под кои услови пратениците кои се во домашна изолација, а немаат симптоми, може да присуствуваат на собраниска седница и да го остварат правото на глас.

Џафери истакна дека Комисијата за заразни болести има предвидено протокол со кој се предвидува во кои услови и под кои околности може да се обезбеди присуство на пратеници болни од Ковид – 19, тие да се приклучат во работата на Собранието и да го остварат своето право да гласаат.

Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев пак отиде и чекор понатаму, па на своите колеги кои во скафандери ја следеа денешната седница им се закани со затворски казни кога нема да бидат на власт, нагласувајќи притоа дека прекршувањето на протоколот е кривично дело кое предвидува парична и затворска казна, а на Џафери му посочи дека со неговото однесување Собранието како правен субјект ќе треба да плати парични пенали.

По изгласувањето на законите од 36. седница тие веднаш беа испратени на потпис кај претседателот Стево Пендаровски, а од кабинетот на шефот на државата потврдија дека веќе се потпишани и соопштија дека претседателот упатил апел до сите политички субјекти во иднина да се однесуваат одговорно.
Зоран Заев пак на својот фејсбук профил упати честитки

„Мерките се за исплата на плати за работниците за месеците февруари и март, за финансиска помош за самостојните вршители на дејност, како и за ослободувања од плаќање аконтации на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2021 година.Упатувам честитки до пратениците од парламентарното мнозинство кои се справија со сите блокади и најдоа начин овие важни закони за граѓаните конечно да бидат усвоениЧеститам и на Собранието, Претседателот Џафери и собраниските служби кои обезбедија соодветни услови за работа и кои спроведоа гласање според сите протоколи со целосна заштита на здравјето на сите пратеници и целосна изолација на двајцата позитивни.Огромни честитки и до заболените пратеници кои и во вакви околности се вложија целосно, покажаа одговорност, беа на висина на задачата и гласаа за носење на законите и во интерес на итната потреба на граѓаните!“, напиша Заев на Фејсбук.

Слични содржини