„Единствено прашање на време е кога оваа криминогена структура околу Заев ќе ја изгуби власта“, вака реагира партијата Левица на вчерашните случувања во Собранието.
Според нив, премиерот Заев, како страв од кривична одговорност за сите злодела и криминали кои ги направи во периодот на неговото владеење, посегнува по уште поголем криминал и репресија, а со тоа и другите околу него ги вовлекува во криминални дејствија.
„Последен ваков случај беа вчерашните случувања во Собранието на Македонија, каде премиерот Заев, заедно со спикерот Џафери, прекршувајќи ја одлуката на Собранието и Кривичниот законик, поттикнаа двајца пратеници на кривично дело, принудувајќи ги да се појават на гласање на 32. седница и покрај тоа што пратениците беа позитивни на коронавирусот, што претставува кривично дело според КЗ Чл. 206 – за што Левица ќе поднесе кривична пријава против овие два пратеника“, потенцираат од Левица.
Објаснуваат дека со цел да се обелодени вистината во јавноста, која СДСМ и особено ковид-позитивните пратеници претставувајќи се како жртви ја испревртуваат, доволно е да се погледнат точките на дневен ред од 32. седница, и тоа на сајтот на Собранието.
Според Левица, токму од таму може да се види дека 5. пакет економски мерки не бил точка на дневен ред на оваа седница.
„Имено, Гласањето за 5. пакет мерки НИКОГАШ НЕ БИЛО ДОВЕДЕНО ДО ПРАШАЊЕ ОД ОПОЗИЦИЈАТА, бидејќи истата спикерот можеше да ја свика и на 16 април, но тоа не го стори. Вчера, за тој пакет економски мерки гласаа над 100 пратеници! Воопшто не беше потребно присуството на ковид-позитивните пратеници за изгласување на петтиот пакет мерки, коишто патем, додека медицинскиот персонал низ земјава страда од недостиг на заштитна опрема и секој ден умираат луѓе како жртви токму на неспособното Министерство за здравство – тие дојдоа со скафандери и приватни амбулантски возила“, стои во партиското соопштение.