Николовски – Сугарески: Со мерките за борба против корупција го градиме угледот на царинската служба

од Vladimir Zorba
359 прегледи

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Царинската управа, Горан Сугарески, денеска беа во посета на граничниот премин Блаце, каде одржаа работен состанок со шефот на царинската испостава Блаце.

На состанокот се разговараше за за новитетите кои што се воведуваат за зајакнување на контролните механизми и преку кои ќе се унапредат процесите на системско функционирање на државата, а се однесуваат на воведување на задолжително поднесување на анкетни листови од проширена група на вработени во јавниот сектор.

„ Сите административни службеници што се на раководни позиции, инспекторите, како и царинските службеници, ќе мора да поднесуваат анкетни листови и изјави за судир на интереси. Мора да имаат одговорност пред работата и државата, но и пред се, пред граѓаните. И нема да има толеранција ако службената положба се користи за лични бизнис интереси, а на штета на државата и граѓаните. На овој начин, активно го градиме и угледот на царинската служба, ја унапредуваме довербата на граѓаните во царинската униформа. Секој дел од системот треба да дејствува државнички, секој службеник да ја врши својата работа во рамки на своите овластувања, водејќи се од тоа дека е службеник за граѓаните”, рече вицепремиерот Николовски.

Директорот Сугарески истакна дека автоматизацијата и дигитализацијата што се спроведуваат во Царинската управа доведуваат до засилена одговорност, поради можноста за подоцнежна контрола и поради тоа улогата на Царината во спречувањето и откривањето на корупција и организиран криминал е дел од мерките од усвоениот План за борба против корупција.

„Се спроведуваат проекти на заеднички контроли на границите (One-stop-shop) – мерка со која се намалува можноста за царински измами, поради непосредниот увид во комерцјалните документи кои ја следат стоката, а со тоа се намалува можноста за корупција и се зголемува стабилноста и сигурноста во целиот регион. Во таа насока овој петок ќе се одржи експертски состанок помеѓу претставници на делегацијата на Европска Унија и Царинските служби на Република Северна Македонија и Косово на кој ќе биде разгледана можноста за воведување на концептот ONE STOP SHOP и на граничниот премин Блаце”, рече директорот Сугарески.

Вицепремиерот Николовски и директорот Сугарески посочија дека Царинската Урпава мора да промовира вредности кои ќе бидат интегрален дел од секој службеник, а се однесуваат на чесност, транспарентност и одговорност во вршењето на работата.

Слични содржини