Северна Македонија постигна неверојатен напредок во процесот на прибличување кон Европската Унија и искрено се надевам дека ќе стане 28-та земја членка на ЕУ, изјави летонскиот министер за наворешни работи, Едгарс Ринкевичс по денешната средба во Рига со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
– По нашите разговори и информациите што ги добив за напредокот, реформскиот процес и по дискусиите за состојбата на Западен Балкан, можам да го потврдам нашиот цврст и непоколеблив став дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија. Веруваме дека е време и формално да започне процесот, со првата меѓувладина конференција со ЕУ, истакна Ринкевичс.
Тој посочи дека Летонија е подготвена континуирано да ја поддржува земјава како политички, така и практично со разни проекти за соработка.
– Мислам дека е одлично тоа што е направен неверојатен напредок со Преспанскиот договор и сме сведоци на овие процеси. Северна Македонија сега е полноправна членка на НАТО, таа е одличен партнер во поглед на сите прашања и е усогласена со заедничката надворешна политика на ЕУ, додаде Ринкевичс.