Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека главната расправа за предметот „Моќник“ што требаше да се одржи денеска, се одложува поради смртен случај на еден од обвинетите.
Следното рочиште е закажано за 17. мај.
За евентуални промени во термините за расправа, странките и јавноста ќе бидат благовремено информирани, соопшти основниот кривичен суд Скопје.
Во случајот „Моќник“ се обвинети пратеникот Антонијо Милошоски и уште 12 лица. Милошоски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за измама. Прво и второобвинети во случајот се таткото на пратеникот Милош Милошоски и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески. Меѓу обвинетите има и членови на некогашната Лустрациска комисија.
Според обвинението, Милошоски се товари дека како пратеник вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата, со што овозможил да се реализира последицата од делото.