Канадскиот премиер Џастин Трудо ја прими во петокот првата доза на вакцина „АстраЗенека“, која предизвикува резерви поради ретки, но сериозни случаи на згрутчување на крвта.
Трудо (49) со сопругата дошол во болница во Отава и вакцината ја примил пред камера.
„Многу сум среќен“, му рекол на здравствениот работник кој му ја даде вакцината.
„Онтарио ги поканува луѓето над 40 години да се вакцинираат со „АстраЗенека“ во аптеките. Сега е наш ред “, рече премиерот малку порано на прес-конференција.
Неговата сопруга Софи Грегуар Трудо беше позитивна на Ковид-19 во март 2020 година, па премиерот мораше да се изолира во Отава.
„Олеснување е да се знае дека овој едноставен гест помага да се заштитиме себеси, но и сите околу нас“, рече Трудо, повикувајќи ги сонародниците да се вакцинираат.
„Најдобрата вакцина за вас е првата што ви ја нудат“, повтори тој на Твитер во четвртокот вечерта.
Повеќето канадски провинции оваа недела го проширија пристапот до вакцината на лица постари од 40 години, откако досега беше резервирана за лица постари од 55 години.
Нешто повеќе од 1,1 милиони дози на „АстраЗенека“, една од четирите вакцини дозволени во Канада, се администрирани во земјата.
Само три случаи на згрутчување на крвта поврзани со тромбоцити се пријавени во земјата, но сите се опоравиле, тврдат канадските власти за јавното здравје.
Недовербата кон вакцината натера многу земји да постават старосни ограничувања за нејзината употреба или да ја прекинат вакцинацијата.