Неделните парламентарни избори во Албанија се сметаат за клучни за амбицијата на земјата да се приклучи на Европската Унија, и покрај жестоката кампања обележана со вооружен конфликт меѓу ривалските приврзаници.
Во средата, неколку дена пред парламентарните избори, еден приврзаник на социјалистите беше убиен, а четири лица беа повредени во вооружен судир во Елбасан близу Тирана.
Премиерот Еди Рама се бори за трет мандат, но неговите социјалисти се соочуваат со голем предизвик да се спротивстават на десетици партии обединети околу најголемата опозициска Демократска партија.
Политичарите од сите бои се загрижени за апатијата на гласачите во земја каде што губитниците вообичаено ги обвинуваат победниците за местење на изборите, а кампањите редовно ги обележуваат лични пресметки.
Земјата со 2,8 милиони жители е меѓу најсиромашните во Европа, а пандемијата дополнително ги влоши работите поради падот на приходите од туризмот.
Според анкетите, социјалистите имаат предност пред своите ривали, но последните неколку дена „ќе бидат одлучувачки“ кога несигурните гласачи конечно ќе решат за кого ќе гласаат, смета политичкиот коментатор Луфти Дервиши.
Сите страни тврдат дека се проевропски настроени, а Рама е особено уверен во масовната кампања за вакцинирање и ветува дека 500 000 луѓе ќе бидат вакцинирани до крајот на јуни.
Тој исто така вели дека ќе ги заврши инфраструктурните проекти што беа запрени поради пандемијата и дека ќе обнови илјадници куќи уништени во земјотресот во 2019 година.
Неговите противници се фокусирани на заживување на лидерската позиција со поддршка на малите и средни претпријатија.
Поради острите изјави меѓу главните политички протагонисти, претставниците на ЕУ повикаа на кампања „без запаливи зборови и говор на омраза“.
Избирачките места се затвораат во недела во 19 часот, но целосните резултати не се очекуваат уште неколку дена.