„Попладнево имав разговор преку видео-конференциска врска со норвешкиот министер за одбрана, Франк Баке Јенсен во кој му се заблагодарив за донацијата од 100 респиратори за итни ситуации од Кралството Норвешка за Северна Македонија“, соопшти вечерва министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Според неа, респираторите ќе бидат наменети за јавното здравство и истите и како што му предочила на колегата од Норвешка, за нас тие се израз на голаме солидарност и сојузништво.
„Норвешка е наш континуиран поддржувач за време на пандемијата. Нивното пријателство го демонстрираа и со донацијата од потрошни медицински материјали за маневарската болница, но и со донацијата од брзи тестови за откривање на ковид, кои со задоволство ги поделивме со јавното здравство за да отидат таму каде што беа најпотребни – кај граѓаните. Во разговорот со министерот Франк Баке Јенсен се осврнавме и на соработката што нашиот воено-медицински тим ја остварува со норвешките колеги во НАТО мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, што е искуство од драгоцено значење за нашата воена медицина а воедно и инвестиција во нашите НАТО способности. Македонскиот тим лекари и медицински техничари кој е во Кабул во рамки на норвешкиот контингент за медицинска поддршка, останува таму до септември кога ќе се врати заедно со норвешките колеги“, објави Шекеринска.