Откриени тајни документи за Чернобил

од Stefanija Kuzmanovska
408 прегледи

Украинските власти објавија тајни архиви во понеделникот, на 35-годишнината од катастрофата, од експлозијата во нуклеарната централа во Чернобил.

Според овие документи, Советскиот Сојуз знаел дека нуклеарната централа, која се наоѓала во областа на денешна Украина, е опасна и ја прикривала вонредната состојба во неа дури и пред експлозијата на реакторот во 1986 година.

По неуспешното тестирање на четвртиот реактор во нуклеарната централа, во областа на тогашниот Советски сојуз, облаци од радиоактивен материјал од Чернобил се прошириле во Европа во најголемата нуклеарна катастрофа во светот, пренесува Index.hr.

Архивските податоци исто така покажаа дека имало радијација и во 1982 година, што тогаш било прикриено со „мерки за спречување паника и провокативни гласини“, како што се наведува во извештајот на тогашната тајна служба на КГБ, објави украинската тајна служба СБУ.

Се додава дека во нуклеарната централа имало итни случаи во 1984 година, односно се знаело дека е многу опасна.

Така, во 1983 година, советското раководство во Москва било известено дека нуклеарната централа во Чернобил е една од најопасните во Советскиот Сојуз поради недостаток на опрема за безбедност, наведува СБУ.

Кога еден француски новинар собрал примероци вода и почва од областа Чернобил по несреќата во 1987 година, КГБ ги заменила овие примероци со други во специјална операција, наведе СБУ, повикувајќи се на друг извештај исто така подготвен од КГБ.

Веднаш по експлозијата, 31 работник и пожарникар загинаа од акутно зрачење. Уште илјадници им подлегнаа на болести како што е рак предизвикан од радијацијата, иако вкупниот број на смртни случаи и жртви на долгорочни болести поврзани со радијацијата е предмет на расправа.

Невладината организација „Гринпис“ процени во 2006 година дека несреќата предизвикала смрт на 100.000 луѓе.

Нуклеарната централа во Чернобил продолжи да произведува електрична енергија до крајот на 2000 година, кога нејзиниот последен реактор беше затворен под притисок на Западот.

Владата на денешна Украина предупредува дека советските власти ја спровеле истрагата неспособно и ја прикривале вистината. Наредбата за евакуација на целата област е издадена дури 36 часа по несреќата.

Слични содржини