Спасовски за операцијата Алка: Претходната власт смислувала обвинување за наводен атентат на Груевски

од Берта Китинска
180 прегледи

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на пратеничко прашање откри детали  за операцијата Алка водена во времето на поранешниот режим против опозицијата и против него како технички министер за внатрешни, во која бил вклучен и инсцениран атентат врз Никола Груевски.

– Јас не сакам да изнесувам повеќе информации од самиот материјал меѓутоа станува збор за огромен материјал во кој што практично беа тогашните претставници на опозицијата се со цел да, наводно на крајот заврши со една склопена приказна која што требало да биде искреирана, да се случува на територијата на општина Куманово. Претходно за да се потврдат тие настани имаа еден инсцениран случај дека наводно на митингот завршен на ВМРО-ДПМНЕ  во Куманово требало да се изврши атентат врз Никола Груевски и тоа требало да го завршат одредени структури кои во тој момент биле во МВР. Вие го знаете како кумановски пратеник, селото Четирце. Таму требало во некоја плевна да се најде оружје итн.  Тоа е приказната накратко без други детали. , рече Спасовски.

Министерот  ова го поврза со упадот на специјалците на крајот од 2016 година во домот на кумановскиот началник Стојанче Величковиќ, кој беше назначен од Спасовски како тогашен технички министер за внатрешни работи.

Во однос со настаните на 27 април тој рече дека имало оперативен план, во министерството и партијата, т.н. “Дивиот Ангел”.

-За настаните на 27 април се креираше приказна и тоа веќе се докажува во судот.По моите сознанија имало оперативен план, во министерството и партијата, т.н. “Дивиот Ангел”, и врз основа на тој план требало да се спроведат активностите во Собранието и да настане таа катастрофа што требало да настане, во салата за одржување на пленарните седници.Неслучајно ние како пратеници од парламентарното мнозинство останавме на своите места и од таму ја продолживме седницата за избор на претседател на Собрание.Планот беше ако се дојде на местото на претседавачот, тука да настане хаосот и можеби убиството да се случи тука. Ова е креација на болните умови кои тогаш работеа и ова треба јавноста да го знае, за никогаш да не се повтори, рече Спасовски.