Катастрофата во Индија може да ја забави вакцинацијата ширум светот

од Nikola Popovski
242 прегледи

Мачните сцени од Индија го шокираа светот. Оваа земја се бори со најголемиот број случаи на корона во светот, но таа криза не е само во Индија. Последиците може да ги почувствува целиот свет.

Ако некоја земја има високо ниво на инфекција, вирусот најверојатно ќе се прошири и во други земји, дури и со повеќе тестови и карантин. Пример е неодамнешниот лет од Њу Делхи до Хонг Конг, кога имало дури 50 патници позитивни на коронавирусот само во еден авион. Постојат и други причини за загриженост, а тоа е поради заразните варијанти на коронавирусот што доаѓаат од Индија.

Нови соеви

Колку е поголем бројот на нови случаи на инфекција во една земја, толку е поголема веројатноста да се појават нови варијанти на вирусот. Ова е затоа што секоја индивидуална инфекција дава вирус можност да се развива, а главната грижа е што може да се појават нови мутации што ги прават вакцините неефикасни. Локдауните и мерките за социјално дистанцирање може да спречат ширење на вирусот, но вакцинацијата е исто така клучна. Ова се случува многу бавно во Индија: досега помалку од 10 проценти од нејзиното население се вакцинирани со единечна доза на вакцина, додека помалку од два процента од луѓето се целосно вакцинирани.

За виновникот за сегашната „корона-бура“ во Индија се верува дека е новиот сој на вирусот наречена Б.1.617, кој некои го нарекуваат двоен мутант поради две клучни мутации. Постојат лабораториски докази кои сугерираат дека е полесно да се пренесе, а дека антителата можат потешко да го блокираат вирусот.

Недостиг од вакцини за целиот свет

Поради кризата со корона во Индија, светот би можел да се соочи со недостиг на вакцини. Индија е еден од најголемите производители на вакцини во светот. Во март годинава, кога почна да расте бројот на заразени лица, индиските власти го запреа извозот на вакцината АстраЗенека, која се произведува во таа земја. Поради тоа, испораките беа одложени низ целиот свет. Вакцини се произведуваат и во Индија за програмата Ковакс, поддржана од ООН. Тоа е програма што донира вакцини на земји со ниски и средни приходи.

Сегашната состојба сигурно ќе влијае на спроведувањето на вакцинацијата во многу земји, бидејќи повеќето индиски вакцини се пренасочени за домашна употреба.

Се стравува дека вистинскиот број на заразени и мртви е далеку поголем

Директорот на Центарот за динамика на болести во Њу Делхи, Раман Лаксминарајан, рече дека минатата година процениле дека само кај едно од 30 лица бил откриен вирусот, преку пат на тестирање. Тој смета дека пријавените случаи сериозно ги потценуваат „реалните“ инфекции.

„Она што го гледаме на терен е многу повеќе смртни случаи отколку што се пријавени“, рекол тој.

Според предвидувањата на Институтот за метрика и проценка на здравјето на Универзитетот во Вашингтон, бројот на смртни случаи ќе продолжи да расте до средината на мај. Бројот на мртви секој ден може да биде повеќе од 13.000 луѓе секој ден, пренесува Си-Ен-Ен.

„Мислам дека ниту едно семејство не е поштедено од смртта предизвикана од коронавирусот“, рече Лаксминарајан.

Во Индија, се прават близу два милиони тестови дневно, но тоа сè уште не е доволно бидејќи просечната стапка на позитивни случаи е околу 15 проценти. Во градовите како Делхи, тоа е 30 и повеќе проценти. Ова значи дека има многу случаи на инфекција кои не се откриени. Асимптоматските пациенти едноставно не знаат дека се заразени и немаат причина да проверуваат. Се разбира, помалку се тестира во руралните области.

Лошото здравје во Индија значи дека дури и под нормални околности, само 86 проценти од смртните случаи се регистрирани во државните системи. Само 22 проценти од регистрираните смртни случаи имаат официјална причина за смрт. Повеќето луѓе умираат дома или на друго место, не во болница, па лекарите обично не се присутни за да ја утврдат причината за смртта. Овој проблем беше особено изразен во пандемијата на коронавирус. Нема места во болниците, а пациентите умираат дома или во чекални.

Индија објави повеќе од 201.000 смртни случаи од коронавирус. Сепак, се проценува дека многумина не се регистрирани и дека бројката е дури 990.000. Масовните погреби и кремациите станаа алармантни.

Државните и локалните власти очајно чекаат да пристигне помош од централната влада и прекуокеанските земји. САД, Велика Британија, Франција, Германија и Пакистан се меѓу земјите кои одлучија да обезбедат помош и да испратат медицинска опрема, вклучително и респиратори и кислород. Првите пратки помош од Велика Британија пристигнаа вчера во Индија, според зборовите на британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб.

Слични содржини