Бројот на заразени се намалува, надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни

од Берта Китинска
208 прегледи

Бројот на ново заразени за една недела е намален за 33,8%, информираше министерот за здравство Венко Филипче нагласувајќи дека и покрај сè, граѓаните треба да бидат внимателни и да ги почитуваат протоколите за состојбата да остане под контрола и да се движи кон целосна нормализација.

-Верските лидери земаа обврска црковните служби и молитвите да ги организираат надвор од верските објекти. Ова е состојба во која сите мора да сме исклучително внимателни. Таков начин на организација комбинирана со одговорност на граѓаните ќе не доведе во ситуација да нема прекршување на мерките. Сите со сопствената одговорност, да покажеме дека можеме функционираме и во присуство на вирусот, изјави Филипче.

Тој вчера напомена дека секој настан што го организираат треба да биде во надворешни услови пред храмовите.

МПЦ-ОА повикува на одговорност

Македонската православна црква – Охридска Архиепископија денеска преку соопштение ги повика граѓаните да бидат одговорни и во пресрет на Велигден и велигденските празници да ги почитуваат мерките од здравствените власти, имајќи ја предвид епидемиолошка состојба во земјава.

-Ги известуваме верниците дека МПЦ-ОА, во претстојниот период на Страсната недела, кој изобилува со богослуженија, во храмовите и манастирите ќе бидат воведени и спроведувани следните мерки: ќе бидат определени лица кои ќе се грижат за задолжително носење заштитни маски внатре и надвор од храмовите и за држење на пропишаното растојание. Каде што има услови, литургиите ќе бидат служени на отворено и каде што има услови, ќе се воспостави посебен влез и посебен излез од храмот се вели во соопштението од Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 151.569, бројката на оздравени пациенти е 131.530, на починати е 4.772, а бројот на активни случаи изнесува 15.267.