МОН: Причината за бојкотот на наставата е неоправдана, дигитализацијата на образованието е глобален процес

од Vladimir Zorba
196 прегледи

По добиените информации дека изолирани групи на ученици во неколку училишта во државата по насоки од родителите и старателите ја бојкотираат наставата, Министерството за образование и наука упати апел за разумност и повторно приклучување кон останатите деца од нивните класови, затоа што постапката не оди во прилог на нивната едукација.

„Секој пропуштен час, особено сега кога воспитно – образовниот процес се организира во вонредни околности и во услови на пандемија, значи пропуштено знаење, кое тешко се надоместува.

Причината за бојкотот на наставата е неоправдана, ако се има предвид дека дигитализацијата на образованието е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование кои ги наметнуваат развиените општества.

Дигитализацијата на материјалите за учење е дефинирана во новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали и предвидено е истата да се случува етапно, почнувајќи во четврто одделение од следната учебна година, така што во овој момент тоа воопшто не ги засегнува средношколците и тие немаат причина за отсуство од настава по тој основ.

Законското решение кое се однесува на учебниците е во целосна согласност со потребите кои ги наметнува светот во кој тие живеат, а тоа е светот и ерата на дигиталната технологија и никој од нив не треба да поттикнува или поддржува отпор кон промени во чиј фокус е нивниот најдобар интерес и промени кои ќе ја унапредат наставата, интеракцијата помеѓу наставниците и учениците, ќе го намалат обемот на домашните задачи и работата на родителите и старателите со учениците и ќе донесат подобрување на севкупниот квалитет на националниот образовен систем.

Апелираме учениците кои денес не се дел од часовите, да ја продолжат наставата и успешно да ја завршиме учебната година.

Во меѓувреме, граѓаните да продолжат да ги следат информациите кои ги објавува МОН во врска со креирањето и имплементирањето на промените во образовниот систем, бидејќи сите други извори на информации, можат да бидат неточни и од манипулативна природа, со намера да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства“, се вели во соопштениетона МОН.

Слични содржини