Во врска со неодманшната изјава на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој рече дека негов сон било да се патува од Скопје до Солун за еден и пол час, Никола Наумоски од Граде Скопје во својата објава на Фејсбук напиша дека соништата се различни кога си во опозиција.
„Добро е што вмровците во 2021 почнаа конечно да сонуваат цивилизациски придобивки како брзи возови, поврзувања на градови, земји и региони. Порано сонуваа конгреси во Солун, обединети големи држави и воени триумфи над соседни народи. Некои од нив ги сонуваа сништата на малиот човек и на секои избори од 2006-та наваму ветуваа автопат до Охрид. Еден од тие Охриѓани што ветуваа автопат до Скопје на секои избори, деновиве се пријави со нов сон за брз воз до Солун, веројатно инспириран од најавата за брз воз од Белград до Скопје, па сакајќи да се повози на бранот на воодушевувањето, Александар Николоски се јави со своја желба.
Но, како што историјата не научила, тие вакви проекти сонуваат само кога се во опозиција, затоа што кога се на власт не градат инфраструктура и корисни објекти, туку СК2014, мегаломански крстови, етно села и слични потемкинови градби. Само со парите потрошени за СК2014 ќе можеше да се заврши пругата кон Бугарија, или да се реконструира таа до Солун за на неа да можат да се движат брзи возови. Непотребната кула на АЕК на Водно, чини колку четири градски мостови на Вардар, или колку клучката кај Момин Поток што сега започнуваме да ја градиме (најголемиот сообраќаен проект во изминатите неколку децении во Скопје). „Македонско Село“ во Горно Нерези беше изградено за повеќе од пет милиони евра, отворено во 2016-та и затворено во 2018-та, чини колку 33-те нови автобуси на гас што ги гледаме изминативе две години на скопските улици. Целиот проект СК2014 чини колку 10 БРТ системи, или четири посебни трамвајски линии за сите страни на Скопје.
Да имаа право да сонуваат со своја глава, вмровските градоначалници изминативе 30 години од Скопје ќе направеа европска метропола. Наместо тоа, тие мораа да ги исполнуваат сништата на своите пастири, колку и да се болни.“, пишува Наумоски.