Лидерот на француската партија „Национално обединување“, Марин Ле Пен, изјави дека е потребно да се развие дијалогот меѓу Русија и Европската унија и се залага за укинување на меѓусебните санкции што беа воведени врз парламентарците.
„Пред многу години, ЕУ воведе санкции против руски пратеници, вклучувајќи го и претседателот на Државната дума на Русија, Вјачеслав Володин, што не е вообичаен настан. Затоа, тешко е да бидеме изненадени што Русија одлучи на реципрочен начин лидерите на ЕУ повеќе да не можат да влегуваат на нејзината територија. Не е Русија таа што започна со воведување лични санкции, туку Европската унија“, рече Ле Пен, коментирајќи ги неодамнешните санкции на Москва против претставниците на европските институции.
Според нејзиното мислење, „тоа е сериозна грешка“.
„Најдобар начин за излез од конфликтот е да се води дијалог и најважно е да се овозможи средба на народни претставници. Забраната за влез во ЕУ, што беше воведена против руските пратеници и претседателот на Државната дума, очигледно беше гест на дипломатска солидарност, но дипломатијата е еден од клучевите за решавање на проблемот“, изјави француската политичарка.
Да потсетиме, Министерството за надворешни работи на Русија објави дека Русија забранува влез во земјата за осум граѓани на земјите од Европската унија и претставници на нејзините официјални структури како одговор на санкциите. На руската „црна листа“, меѓу другите, се и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, шефот на обвинителството во Берлин, Јорг Раупах и заменик-претседателот на Европската комисија, Вера Јурова.
Руската страна посочува дека оваа мерка е донесена како одговор на акциите против шест руски државјани, на кои им е забранет влез на територијата на ЕУ.