По воведените рестриктивни мерки, бројот на нови случаи на Ковид-19 се намалува. Во изминатите четири дена бројот на активни случаи е намален од 15.013 на 14.276 случаи.
Во истиот период, регистрирани се вкупно 1.117 новозаболени, а 1.843 оздравени. Вчера се регистрирани 105 новозаболени и 403 оздравени пациенти, откако на 1 мај имаше 214 новозаболени и 205 оздравени, на 30 април 365 новозаболени и 594 оздравени и на 29 април 433 новозаболени и 641 оздравени.
Ограничувањето на движењето продолжува од вчера од 21 часот до 05 часот следниот ден, откако православните верници го празнуваа Велигден втора година во услови на пандемија, но без полициски час и со почувањето на мерките за заштита-носење маска и држење дистанца.
Согласно одлуката на Владата од 27 април, полицискиот час ќе биде на сила до 15 мај, со исклучок за Рамазан Бајрам, односно нема да важи на 12 кон 13 мај.
Вкупно 200.000 кинески вакцини, најдоцна до утре треба да бидат дистрибуирани во салата „Борис Трајковски” и во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, по што од вторник со нив ќе почне масовната вакцинација на населението. Здравствени власти најавуваат вакцинирање на бројка од меѓу 10 и 15 илјади граѓани на ден.
Со почетокот на масовната имунизација, здравствените власти очекуваат до почетокот на летото да имаме висок процент на вакцинирано население и целосно менување на епидемиолошката состојба.
По пристигнувањето на 200 илјади вакцини од „Синофарм”, министерот за здравство Венко Филипче, во петокот најави дека се очекува да пристигнат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер”.