НЕЈМАР ОСТАНУВА ВО ПАРИЗ: Ништо од Барселона, Бразилецот потпишува нов договор!

од Stefanija Kuzmanovska
235 прегледи

Бразилскиот фудбалер Нејмар дефинитивно останува во Пари Сен Жермен и не оди во Барселона.

Актуелниот договор со Бразилецот истекува летото следната година, а според информациите на француски „Л’Екип“, викендов треба да биде потпишан нов договор. Нејмар неодамна наполни 29 години, а според новиот договор ќе биде играч на ПСЖ до 2026 година и ќе заработува 30 милиони евра по сезона.

Тоа е нешто помалку од претходните 35 милиони евра, кои ПСЖ во моментов му ги исплаќа, но новиот договор со огромни примања му гарантира уште пет години. Францускиот весник тврди дека новиот договор ќе вклучува огромен бонус во случај ПСЖ да ја освои Лигата на шампионите во тој период.

Дека може да остане на Паркот на принцовите, потврди Нејмар на првата прес-конференција во последните две години.

„Јас сум многу среќен тука и се чувствувам подобро во ПСЖ отколку во претходните сезони. Поминав тешки периоди со некои луѓе, а овој клуб во меѓувреме порасна и многу работи се сменија на подобро. Тие повеќе нè почитуваат, ПСЖ е сега меѓу четирите, петте најсилни клубови во Европа“, рече Нејмар.

Последните две години се зборуваше за можно враќање во Барселона, од која пристигна во 2017 година за рекордни 222 милиони евра. Неговото заминување од ПСЖ беше завршена работа, но Бразилецот сепак остана.

Угледниот француски весник додава дека ПСЖ сега ќе се обиде да се договори за нов договор со Килијан Мбапе, чиј сегашен договор исто така истекува следното лето.

Слични содржини