Во пресрет на 9 мај, Денот на Европа, министерството за надворешни работи денес организираше платформа на која им беше дадено на младите од земјава да испратат пораки до Европа поврзани со европските интеграции на Република Северна Македонија.
Во своите обраќања, младите на сопствен начин го потенцираа незадоволството од предолгото стоење во чекалната на ЕУ, упатувајќи емотивни пораки за нивните европски амбиции.
„Не дозволувајте уште една генерација млади луѓе да не го доживее европскиот сон во својата држава. Ние, младите, на овој или оној начин ќе станеме дел од Европската Унија, но дозволете ни тоа да биде во нашата држава/дома. На нас младите, растени со европската идеја и вредности, ни е доста од декларативна поддршка и охрабрување. Потребно е да видиме акција и реални одлуки! Дел од политичарите ќе речат дека иднината е на младите, но иднината започнува во сегашноста. А во сегашноста храбри одлуки, какви што впрочем ние покажавме дека имаме моќ да ги носиме. Сега е ред на вас!“ – посочија младите.
Во рамките на одржување на настанот, изјава за медиуми имаше и Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој најави дека оваа платформа со која младите добиваат шанса да го кренат својот глас ќе ја пренесе и во останатите места и градови.
„Како што гледате, говорницата на Министерството за надворешни работи денес ја оставив зад мене; и тоа не само симболично, туку и суштински оваа говорница денес им ја оставам на младите. Денес им го оставам микрофонот ним, на младите од земјата, затоа што забораваме да го слушнеме нивниот глас; да го слушнеме нивниот искрен израз за она кое ние политичарите премногу долго го повторуваме. Да го дигнат гласот за реформи, за правната држава, за борбата против корупцијата, да го дигнат гласот за сопствената иднина“, истакна Османи, кој им се придружи на младите во кампањата со паролата „its yEUr turn“ – или Вие, ЕУ сте на ред.