Преку промотивни видеа ќе се привлекуваат повеќе странски туристи: „Македонија е сигурна дестинација со исти протоколи како во ЕУ“

од Nikola Popovski
345 прегледи

„Два дена на повеќе локации во Македонија и досега поминати 685 киломерти се снима промотивното видео за „Сигурно како дома“ #Safelikehome како дел од сигурната маркичка која заедно со сите чинители во туризмот успеавме да ја добиеме“, објави директорот на Агенцијата за промоција на туризмот, Љупчо Јаневски.

Според него, Македонија е сигурна дестинација со исти протоколи како во ЕУ за 2021 година.

„Имаме зголемена дипломатска активност со МНР за промоција на туристичките потенцијали и безбедност, зелени зони со регионот, нова авио линија Москва-Скопје, нова авио линија Киев-Скопје, нова авио линија Букурешт-Скопје, летови на ТУИ Холандија од почеток на јули, рестарт на авио линија Варшава -Скопје, нова авио линија Варшава- Охрид. Ова е успех на сите и затоа мора да продолжиме до повеќе туристи во 2021 година“, потенцира Јаневски и додава дека снимањето на видеозаписот се прави во соработка со швајцарската амбасада.

Акцентот годинава ќе се стави на гостите од регионот, но ќе се привлекуваат и туристи од Холандија, Чешка, Полска и Турција.

Јаневски упати голема благодарност за поддршката на медиумите, туристичките работници, локалната власт за работата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Слични содржини