Фудбалскиот клуб Ајакс го стопи трофејот што го освои за освојување на шампионската титула и направи сребрени sвезди, кои ќе им ги испрати на сопствениците на сезонски билети на кои им е забрането влегување на стадионот поради пандемијата на коронавирусот.
Ајакс ја освои шампионската титула во Холандија на три кола пред крајот, а титулата им ја посвети на навивачите, на кои на овој начин сакаше да им се оддолжи за поддршката, беше објавено денес од холандскиот клуб. Сопствениците на сезонски билети, 42.000 од нив, ќе добијат една сребрена sвезда тешка 3,45 грама на нивните домашни адреси.
„После турбулентната година, сакаме да се осигураме дека нашите навивачи сметаат дека и тие се дел од титулата“, изјави извршниот директор на Ајакс, легендарниот голман Едвин ван дер Сар.
Слоганот на проектот е: „Парче победа. Парче историја. Парче Ајакс “.
„Кога рековме: „Оваа титула е за вас“, објаснивме дека го сторивме тоа за навивачите. Сепак, споделувањето на трофејот е врвен доказ дека навистина го сторивме тоа за нив“, изјави Ван Дер Сар.
Ајакс објави дека добиле уште една сребрена плоча од Фудбалскиот сојуз на Холандија за салата за трофеи, што му се доделува на шампионот.
Оваа сезона, Ајакс одигра 30 од 34 првенствени натпревари пред празен стадион.
Клубот од Амстердам го освои и Купот на Холандија оваа сезона.
Летово на неговиот стадион „Јохан Кројф“ ќе се одиграат четири натпревари од Европското првенство, кое започнува на 11 јуни.
Покрај репрезентацијата на Холандија, во групата Ц се уште и Украина, Австрија и Северна Македонија.