Проф. Сековска: Целта на предложениот закон е земјоделското земјиште да го откупат големи правни субјекти, а малите и средни стопанства да се елиминираат

од Vladimir Zorba
1,6K прегледи

Лавина реакции предизвикаа предложените измени на законот за земјоделско земјиште. Бројните недоречености и нелогичности во него според дел од експертите покажуваат дека во подготовката не биле консултирани ниту тие ниту земјоделските здруженија.

„Земјата не треба да се продава во никаков случај и по никоја цена. Можни се безброј штетни импликации од овој закон, а само еден минорен бенефит, еднократно слевање на кеш во буџетот, кој брзо ќе биде потрошен и што потоа?, вели Благица Сековска, професорка на катедрата за Рурална економија при Факултетот за ветеринарна медицина во интервју за „Локално“.

Зад предложените измени таа препознава интерес на како што вели, многу мала елита што треба да се офајди од истиот, а не да се одговори на потребите на граѓаните.Можноста по 10 години земјата да се пренамени во градежно земјиште  според Сековска, ќе значи таму наместо пченица да никнат згради, туристички и индустриски капацитети но и депонии.

„А што ако сопственикот го издава или продава во шпекулативни цели?? Или ги користи за високо интензивно земјоделство кое ја уништува целата околна природа и ги загадува земјата и подземните води?? Или ако предизвика егзодус на локалното население?, прашува таа.

Дополнителен проблем вели ќе биде, кога грабањето плодна земја ќе предизвика монополизирање на пазарот на храна.

„Земјата е природен ресурс кој припаѓа на сите граѓани и веќе е крајно време да се запре распродажбата на природните ресурси, пред се храната и водата, што се основни човекови права, заклучува Сековска.

Првичната верзија на Законот за продажба на земјоделското земјиште предизвика лавина реакција во јавноста. Дали при подготовката на овој предлог беа консултирани експертите од оваа област и земјоделските здруженија и асоцијации?

-Не сум запознаена дали биле консултирани или не, но колку што можам да прочитам и слушнам од реакциите во јавноста изгледа никој не бил консултиран. Јас лично како проф. д-р по рурална економија не сум била ниту информирана, а уште помалку прашана. За воља на вистината,  Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство има совет на експерти околу себе, но дали ги консултирал или не, и како тие се изјасниле ако биле консултирани,  тоа треба да ги прашате членовите на неговиот совет на експерти. Иако, прашање од вакво значење треба да опфати многу широка јавна дебата, во која ќе бидат изнесени сите можни реперкусии или бенефити ако ги има, па да се направи многу сериозна мултикритериумска cost/benefit анализа, како и да се согледаат искуствата на други земји што го направиле овој чекор, пред да се спроведе една ваква сериозна и неповратна одлука.

Зошто според Вас овој закон не треба да се донесе?Дали е тоа цената на метар квадратен земјоделско земјиште, импликациите кои ќе ги донесе врз буџетот, стандардот, екологијата или можноста земјата да ја купуваат и странци(иако оваа можност постои и во актуелното законско решение)?

-Земјата според мене не треба да се продава во никаков случај и по никоја цена. Можни се безброј штетни импликации од овој закон, а само еден минорен бенефит. Бенефитот е еднократно слевање на кеш во буџетот, кој брзо ќе биде потрошен и што потоа?? А ќе ја немаме земјата и можноста за нејзина контрола. А од друга страна самиот закон изобилува со недоречености и нелогичности. Никаде не е напишано дека предност при купување на земја ќе има локалното земјоделско население, напротив, секаде се потенцира дека правото на сопственост за странските и домашни физички лица и/или претпријатија ќе биде регулирано од желбите за реализација на стратешки ??!! проекти на Владата. Понатаму Владата одредува најниска цена од 0,3 евра и највисока од 1 евро по квадрат, со можност цената да се намали за 30%, ако земјиштето е на надморска височина поголема од 700м!!??. На пример Маврово е на таква надморска височина, како и голем дел од Македонија. Како може да се оди на највисок лимит на цена, ако има јавно наддавање?? А што ако за истата земја аплицираат повеќе личности?? Кој ќе биде критериумот за избор на најдобар понудувач?? Која е најмалата, а која најголемата површина која може да ја купи едно лице?? Зошто не се дава предност на луѓе од локалните рурални заедници?? Тие воопшто нема ни да имаат можност за купување, бидејќи корпорациите со странски капитал ќе имаат предност. Освен тоа, како што вели предложениот закон, програмата со сите правила за начините на продажба може да се изменува и дополнува што остава простор за измени и дополнувања кои може да бидат на штета на државата и нејзините граѓани.

Иако првично беше најавено дека со овој закон нема да може да се врши пренамена за земјиштето во градежно, сепак во предлог законот се предвидува можноста  земјоделското земјиште после 10 години од продажбата да се продаде, дарува, размени или пренамени.Стравувате ли дека ќе никнат згради таму каде што треба да расте сончоглед или пченица?

-Проблемот со продажба на земјоделското земјиште е комплексен и многуслоен. Не е во прашање само тоа дали ќе никнат згради, но возможно е да се случат безброј непријатни и непосакувани нешта. Искуствата од други земји кои го продале своето земјиште ни укажуваат на тоа. На пример земјиштето по 10 години може да биде пренамето во градежно и таму да никнат згради, туристички или ИНДУСТРИСКИ капацитети….а што ако таму никнат депонии?? Исто така парцелите можат да се заградени и да немаме пристап, дури ни во делови каде локалното население имало пракса да организира прошетки или пикник. А што ако сопственикот го издава или продава во шпекулативни цели?? Или ги користи за високо интензивно земјоделство кое ја уништува целата околна природа и ги загадува земјата и подземните води?? Или ако предизвика егзодус на локалното население како резултат на своите економски активности. Законот е штетен и со далекосежни последици во секој поглед.

Најголемиот број критики се однесуваат на најавите дека ќе се продавааат големи комплекси.Кои ќе бидат купувачите? Ако тоа не можат да бидат малите семејни земјоделци дали можеме да се доведеме во ситуација големи компании да станат сопственици на голем дел од државата?

-Најмногу загрижува фактот што според вака дадените правила локалните земјоделци нема да имаат никаква предност при купувањето, туку точно спротивно. Имено, правните и физичките лица, кои според предложениов закон, имаат право на откуп на земјиште, треба да се носители или членови на земјоделско стопанство кое е запишано во единствениот регистар на земјоделски стопанства. Единствениот Регистар на семејни земјоделски стопанства не се ажурирани и не соодветствува со реалната слика на терен. Воедно за да се влезе во регистарот доволно е да се има 4 декари земја во сопственост или под наем, без разлика дали таа земја се обработува или не, што значи дека секој може да регистрира земјоделско стопанство и да врши откуп на земјиште…..АМА, кој ќе ја добие земјата одлучува петчлена комисија во ПОСТОЈАН состав (уште една можност за манипулација и корупција).

Освен тоа, условите за учество кои се дегинирани во членот 24 велат:

Член 24

(1) Учеството на Јавен повик за продажбата на земјоделско земјиште во државна сопственост, може да биде условено со:

1) минимален износ на вкупни финансиски приходи во година која претходи на годината кога правното лице ќе се пријави за учество на јавното наддавање,

2) минимален број на вработени лица во правното лице кое ќе учествува на јавното наддавање,

3) вид и најмал износ на инвестиции во првите пет години од купопродажбата,

4) најмал број на вработувања во првите пет години од купопродажбата и

5) минимална површина на земјоделско земјиште во сопственост на понудувачот кое граничи со земјоделското земјиште во државна сопственост за кое поднесува понуда.

6) минимална површина на земјоделско земјиште во сосопственост на понудувачот со земјоделското земјиште во државна сопственост за кое поднесува понуда

Овие услови се направени со цел земјиштето да се откупи од големи правни субјекти, а малите и средните земјоделски стопанства да бидат ЕЛИМИНИРАНИ согласно горе наведените услови.

Според О2 иницијативата, на овој начин нашата држава ќе нема контрола врз производството на храна, што според нив е катастрофално,особено во услови на климатски промени и нивното влијание. Каков е вашиот став?

-Сосема се согласувам со ставовите на О2иницијативата. Тоа се ставови на секој здраворазумски и мислечки граѓанин во земјава. Храната и водата се стратешки производи на секоја земја. Не случајно постои институција стоковни резерви. Во последниве години како резултат на климатските промени, растечката популација и брзото трошење на ресурсите (благодарение на постоечката неолиберална парадигма за постојан економски раст) цената на храната на светските берзи постојано расте. Експертите предвидуваат недостиг од храна и вода која може да не затекне порано од колку што се очекува. Поради тоа трендот за масовно купување на плодна земја, (грабање поточно кажано)  е тренд кој започна во 2008 и се уште трае. Предводници на трендот се корпорации и поединци кои поседуваат милиони хектари земја. Тие веќе се нарекуваат барони на земјата. Можете ли да замислите што ќе се случи и во каква зависност ќе се најдеме кога пазарот на храна ќе се монополизира. Во вакви надоаѓачки околности, лудост е да се продава државното земјоделското земјиште. Земјата е природен ресурс кој припаѓа на сите граѓани и веќе е крајно време да се запре распродажбата на природните ресурси, пред се храната и водата, што се основни човекови права.

Дали и како државата ќе може да го контролира начинот на искористување на земјиштето? Со какви опасности можеме да се соочиме?

Државата ниту до сега не се прослави со мудра аграрна политика, што ми дава за право да верувам дека тоа нема нити во иднина да се случи. Секоја промената на политичките влади од корен го менува пристапот кон земјоделството, без да се следат стратешки мерки и приоритети. Тоа не е пример за конзистентна аграрна политика. Добро се познати мерките на аграрната политика кои може да бидат: мерки во доменот на примарната распределба (како гарантирани цени, заштитни, субвенционира, паритетни цени и сл.), мерки во доменот на секундарната распределба (даноци и други финансиски зафаќања, мерки за инвестиции во аграрот, кредитна политика, земјишна политика (што не подразбира продажба), административни мерки, мерки од областа на надворешно трговската размена, агроеколошки мерки, кредитна политика и сл. Има безброј мерки кои литературата ги познава и кои може да се аплицираат со цел насочување и развој, но прашањето е дали се знае и дали се сака. Побарајте од соодветно Министерство извештај за тоа кои и кави мерки аплицирале и кој е ефектот од истите.

Дали има примери на вакви решенија во други земји и какви се искуствата? 

За жал оваа појава на распродажба и грабање на земјиштето не е нова. Како што реков датира од 2008 година и до сега ја искусиле многу земји во Африка, Латинска Америка, Азија и Источна Европа. Тоа е искуство што го искусија исто така и сите земји од бившиот источниот блок што влегоа во ЕУ, особено Романија. Сите овие земји имаат  еден заеднички содржател, ниско ниво на развој и високо ниво на корупција. Еве на пример во Романија само 0,3% од фармите претставуваат 34% од корисното земјоделско земјиште. Топ 100 од овие компании контролираат повеќе од 500,000 хектари земја. Најголем дел од овие топ 100 фарми се подружници на мултинационални компании. Земјата на милиони романски селани е одземена и трансформирана, бидејќи според статистиката на Романскиот национален институт за статистика до 2010 година 150.000 мали фарми сосема исчезнале. Програмата на владата во периодот 2013-2016  била фокусирана исклучиво кон барање на странски инвестиции за огромни фарми, извозно ориентирани, додека традиционалните фармери и производителите на органски производи биле сосема маргинализирани. Земјата станала стока со која компаниите шпекулирале. За таквите странски компании најважно било да се зголеми ефективноста и продуктивноста и да се извезе што повеќе без да се води грижа за еколошкиот и социјалниот момент. Малите фармери морале да ги намалуваат цените за да бидат компетитивни се до граница на неисплатливост и така една по едназапочнале да пропаѓаат и да ја продаваат и својата земја, често со закани и уцени по многу пониски цени од реалната вредност, бидејќи не можеле да се борат со гигантите. Големите фарми биле чувани често и со вооружени стражари. И ова не е некоја голема тајна секој што е заинтересиран може да прогугла по интернет и да  прочита многу застрашувачки приказни за Романија

Дали има и кое е според вас оправдувањето за носење на овој Закон?Може ли со некаква одредба да се отежне или оневозможи продавањето или уште повеќе можен ли е модел за искористување и управување со овој ресурс?

– Според мене не постои нити едно оправдување за ваков закон. Овој закон е направен за интерес на многу мала елита што треба да се офајди од истиот, а не за потребите на граѓаните во земјава. Овој закон не треба да се донесе. А за искористување на ресурсот земјоделско земјиште постојат безброј можности и корисни мерки кои може да се уредат законски. На пример: Драстично лимитирање на земјоделското земјиште кое може да биде пренаменето во градежно или друг вид на неземјоделско експлоатирање; Прилагодување на законската регулатива во насока на групирање и зголемување на земјишните парцели на вистинските регистрирани земјоделци до одреден број на ха, во зависност од стандардите на секоја земја поединечно, односно во зависност од бројот на ха под земјоделски површини;Строги агроеколошки регулативи кои ја регулираат работата на фарма од гледна точка на заштита на животната средина и зачувување на пејсажот;Воспоставување на земјиштен максимум над кој ќе треба да се платат екстремно високи даноци со цел да се дестимулира грабањето на земја; Максимална транспарентност на институциите во процесот на поделба на концесии на државното земјиште; Поддршка да се дава само на средни, мали и многу мали фарми кои се основа на производството на храна; Да се даде приоритет на производители на храна, наспроти други видови на користење на земјиштето; и слично.

К.В.С.

Слични содржини