Оштетени и уништени се двете плочи поставени за убиените осум припадници на Армијата и полицијата кај Вејце кои беа поставени на 28 април по повод 20 години од масакрот извршен на тоа место. На местото на убиството на 28 април 2001 за време на воениот конфликт, сега се наоѓаат само расфрлани цвеќиња кои беа положени при неодамнешното чествување на овој настан.
-Повредени се чувствата на бранителите, на македонскиот народ и на родителите и на нивните деца. Јас мислам дека институциите не си ја завршуваат добро својата работа и по кој знае кој пат поставуваме плоча и ја снемува. Тоа едно општество за сите е прифатено. Меѓутоа не се случува на нашиве простори, а од кои причини мора да одговорат политичките структури бидејќи не може да биде еднострана љубов, изјавил Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители.
При одбележувањето на 20-годишнитата од убиството на 8 бранители, Најдов упати апел до првиот вицепремиер на Владата Артан Груби да направи напори да оваа плоча остане на местото, како еден првичен гест на помирување. Сепак, останал без одговор.
На 28 април 2001, попладнето патрола на македонските безбедносни сили падна во заседа поставена од припадници на УЧК. Нивните возила биле уништени со ракетни фрлачи, а телата на преживеаните биле запалени и живи изгорени. Тука беа убиени четворица припадници на воената единица „Волци“ и четворица полицајци при ОВР Битола. За овој злостор, кој е надвор од правилата на војувањето, беше побарано Хашкиот суд за воени злосторства да покрене обвинение, но барањето беше одбиено, за после припадниците на УЧК, а со тоа и тие што го направија овој злостор, да бидат амнестирани од македонското Собрание.