Откако претходно беше децидно дека до 15-ти мај ќе бидат известени кога ќе добијат вакцина сите граѓани кои се пријавиле на сајтот вакцинација.мк, денес министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека ќе треба да почекаат до понеделник за да бидат известени за термин.
До сега се аплицирани 180.000 дози вакцини, 150.000 граѓани примиле вакцина, а 30.000 и ревакцина.
Според Филипче, на пунктовите се вакцинираат млади лица бидејќи во некои општини веќе биле вакцинирани сите повозрасни граѓани.
„Одлуката е младите, под 40 години да почекаат и приоритет ќе им се даде на лицата над 70 години“, истакна денес Филипче.
Министерот исто така порача дека е рано за укинување на маски на отворено, а сѐ уште ќе има ограничување и за ревакцинираните граѓани.