Фондот за иновации и технолошки развој објави јавен повик за воспоставување на две лабoратории за производство „Младите создаваат“ каде младите на возраст од 15 до 29 години ќе добијат бесплатен пристап, менторска поддршка, просторни и технички услови да конструираат прототип и да тестираат некое свое иновативно решение.
За оваа цел се обезбедeни девет милиони денари. ФИТР обезбедува до 90 проценти од кофинансирањето, во максимален износ од 4,5 милиони денари, додека останатите десет проценти треба да ги обезбеди апликантот.
Директор на Фонд за иновации и технолошки развој, Коста Петров, рече дека лабораториите ќе бидат лоцирани во високообразовните институции и научно-истражувачите центри и ќе претставуваат простор за соработка меѓу академијата, индустријата и граѓанските здруженија.
– Лабораториите воспоставени преку овој повик на средношколците, студентите и младите ќе им овозможи пристап до современи технологии како 3Д принтери и ласерски машини со кои ќе може да ги материјализираат своите иновативни идеи, нагласи Петров.
Лабораториите со почетокот на новата учебна година ќе бидат искористени како пилот, врз основа на чие искуство ќе биде воспоставен механизам за воспоставување и поддршка на ваков тип лаборатории и обезбедување нивна одржливост.