Почнувајќи од денеска во наредните три месеци, скопјани ќе имаат можност да вежбаат и да се рекреираат на отворено секој работен ден, по 18 часот, на различни локации на јавните површини и парковите во Скопје. Ќе се вежба аеробик, фитнес, пилатес, зумба, спортска јога, атлетика и друго, информираат од Град Скопје.
„Ги повикувам скопјани од денеска да се вклучат во проектот „Скопје вежба“ и бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено со тим од стручни лица од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје“, објави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и дополни:
„Ова е програмата за денеска, одберете ја вашата физичка активност и со заедничка акција да стимулираме еден поинаков и поздрав начин на живеење“.
Предвидените активности ќе бидат спроведени заедно со тим од стручни лица од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
– Можноста граѓаните бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено е дел од проектот „Скопје вежба“ кој го спроведува Град Скопје во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Проектот има цел да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма, стои во соопштението од Град Скопје.
За дневниот распоред на вежби и локации во текот на месеците мај, јуни и јули граѓаните можат да се информираат на Интернет страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk, како и преку социјалните мрежи на Град Скопје.